BMW ги објави првите детали за новата Серија 3 – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

BMW ги објави првите детали за новата Серија 3

Новата Серија 3 на BMW се очекува да дебитира на Саемот на Автомобили во Париз – но баварскиот производител веќе ги објави првите детали за новиот седан.

Германците ги финишираат последните подготовки пред премиерата на новата Серија 3. Според она што го кажуваат, новиот седан ќе биде до 55 килограми полесен од претходната генерација, а тежиштето е спуштено за дополнителни 10 милиметри.

Инженерите на BMW посветиле внимание и на ригидноста на новиот седан, па кажуваат дека ригидноста на новата Серија 3 е „значително подобрена“. Секако, повторно ја добиваме идеалната дистрибуција на тежина во однос 50:50, а инженерите кажуваат дека прецизноста во управувањето ќе биде уште подобра благодарение на поширок траг и нови оски. Управувањето ќе биде подобрено благодарение и на новата суспензија која истовремено ветува и зголемени нивоа на комфор, и уште поспортско чувство во M Sport верзиите.

Автомобилите кои ќе имаат М Sport пакети ќе добијат и Варијабилно Спортско Управување, кое според BMW е специјално калибрирано да понуди „подобра прецизност и реактивност кон мали движења на управувачот, без притоа управувањето да биде нервозно.“ Овие возила ќе добијат и M Sport спортски диференцијал.

Од BMW не објавија никакви информации околу моторите, но кажуваат дека новата Серија 3 ќе добие „темелно преработен“ турбо-бензинец со четири цилиндри, за кој кажуваат дека ќе биде „најмоќниот четири-цилиндерски мотор кој некогаш сериски се вградувал во BMW“. Истовремено, овој мотор ќе биде околу 5% поекономичен од моторот кој го заменува. Моторот ќе биде опремен со филтер за ситни честички, и ќе ги задоволува Euro 6d-TEMP стандардите.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.