full screen background image
Search

Volkswagen постави нов рекорд на Pikes Peak со електричниот I.D. R!

Иако Volkswagen сакаше да постави нов рекорд за електрични возила на Pikes Peak, Romain Dumas зад воланот на електричниот I.D. R успеа да постави нов севкупен рекорд!

Французинот не само што успеа да постигне нов севкупен рекорд, туку истовремено е и првиот човек кој успеал да се искачи на Pikes Peak за помалку од 8 минути. Тој успеа да ги помине тие 12.42 милји, односно 19.98 километри за 7 минути, 57 секунди и 14 стотинки. Успехот е дотолку поголем ако земеме во предвид дека ова беше прво целосно искачување на Dumas на Pikes Peak во ова возило.

Носител на претходниот рекорд беше легендарниот Sebastian Loeb кој во 2013-тата година зад управувачот на 3.2-литарски Twin Turbo Peugeot 208 успеа да се искачи на Pikes Peak за 8 минути, 13 секунди и 87 стотинки.

„Имавме малку магла и беше многу влажно на втората делница“ изјави Dumas и додаде – „јас сум среќен со постигнатиот резултат. Можевме да бидеме малку побрзи ако средната делница беше сува.“

Volkswagen отиде на Pikes Peak со желба да го победи рекордот за електрични возила, но уште за време на квалификациите се гледаше дека имаат потенцијал за севкупен рекорд. За време на целиот викенд луѓето од Volkswagen беа внимателни со своите изјави и не најавуваа дека ќе имаат време под 8 минути. Најголем фактор беше времето – најавениот дожд не пристигна, но сепак влажноста имаше влијание врз постигнатото време.

Честитки!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.