full screen background image
Search

Audi го најавува E-Tron – електричниот SUV ќе има напредна аеродинамика и виртуелни странични ретровизори

Времето кое Audi го поминува на усовршување на аеродинамиката на новиот електричен SUV резултира со досег од 400 километри –  и тоа според новиот, построг WLTP циклус!

Инженерите од Инголштад поминале повеќе од 1000 часови во тунелот за тестирање на аеродинамиката, а тоа резултира со коефициент од само 0.28 Cd. Аеродинамиката игра голема улога во економичноста – па E-Tron може да помине повеќе од 400 километри со едно полнење.

Со цел да се подобри аеродинамиката, кај Audi E-Tron се применети неколку интересни и иновативни решенија. Едно од решенијата се виртуелните странични ретровизори, кои се прв ваков систем во автомобил кој е во сериско производство. Ретровизорите не се целосно елиминирани – туку имаат мала камера интегрирана во нив. Но со овие ретровизори, широчината на E-Tron е намалена за дури 15 сантиметри, а камерите пренесуваат приказ кон OLED монитори поставени меѓу вратите и панелот со инструменти. Ваквите ретровизори ќе нудат три режими на работа – за возење на автопат, за влегување во свиоци и за паркирање.

Но инженерите на Audi отишле уште подалеку – па E-Tron има целосно-покриено подвозје, а предниот и задниот дел се целосно затворени. Алумиумска плочка ги штити батериите од несакан удар од долниот дел, а плочата со која е затворено подвозјето е со „длапки“ како на голф-топче, кои нудат подобар проток на воздухот отколку целосно-мазна површина. Секако, тука се и активните отвори за воздух во предната маска кои се отвораат и затвораат во зависност од потребите – кога се отворени воздухот се користи за ладење на компонентите, а кога се затворени (при повисоки брзини) се подобрува севкупната аеродинамика на E-Tron.

Поврзано:   Во Македонија пристигна и најновиот SUV на Audi - големиот Q8!

Премиерата е закажана за 30-ти Август, а продажбата ќе започне кон крајот на оваа година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.