Британскиот бренд најави дека ќе направи голема инвестиција во системот кој се вика Cortex – и чија задача ќе биде да им овозможи на автомобилите самите да возат надвор од асфалтот.
Како и другите брендови, така и Jaguar Land Rover инвестира во автономните технологии – но со Cortex, JLR ќе го искористи своето искуство со теренските автомобили и ќе развие систем кој ќе им овозможи на автомобилите самите да совладуваат теренски предизвици.
Предизвиците со кои Cortex ќе се соочи се значителни – скоро сите системи за автономно возење како дел од своите алгоритми користат и прецизни мапи од улиците – а тоа е нешто што едноставно не може да постои за теренско возење. Затоа, Cortex системот ќе користи податоци од акустични и видео сензори, како и радар и LIDAR сензори за да може да им овозможи на возилата на JLR да совладуваат теренски предизвици без никаква, или многу мала контрола од возачите.
Спопред Chris Holmes, човекот кој е одговорен за ваквите системи во JLR – „важно е за JLR самиот да развие ваков систем, за да може да ги понуди сите можности, способности и перформанси кои купувачите ги очекуваат од возилата на Jaguar и Land Rover. Само-возењето е неизбежно во автомобилската индустрија, и само ако бидеме сигурни дека нашиот систем е најкорисниот, најспособниот и најбезбедниот, ќе ги поместиме границите на иновациите.“
Сега за сега не се дадени никакви дополнителни информации околу Cortex, па не знаеме ни кога ќе видиме ваков систем во сериски автомобил – но најавите од JLR се храбри – останува само да почекаме.