full screen background image
Search

ТЕСТ: Citroën C4 Cactus 1.2 PureTech 110 FEEL – Комфорот е навистина кул!

Наместо да го следи трендот и да понуди кросовер кој е непотребно некомфорен, Citroën реши да се врати на своите вистински вредности и да понуди градски херој кој импресионира токму со комфорот кој го нуди!

Живееме во интересно време. Време во кое притиснати од разно-разните законски регулативи, производителите мораат да најдат свој сопствен начин да ја покажат својата индивидуалност. Во време кога цело време се потенцира „спортскиот карактер“ или „динамичноста“ и се зборува за „време на Nurburgring ова“ или „време на Nurburgring она“, како да се изгубија оние автомобили кои нудат нешто различно.

Ако побарате во речник, веднаш до зборот Citroën треба да стои зборот Комфор.

Токму затоа, Citroën реши да им пркоси на трендовите и да се врати кон своите вистински вредности. Првата работа е несекојдневниот, малку налудничав дизајн и пристап кон нештата, а втората работа е комфорот. Оној, историскиот комфор по кој се познати автомобилите на Citroën. Јас растев со Citroën – автомобилите во кои го поминав моето детство беа Citroën GS и Citroën Xantia, кои –  секако – имаа „хидраулика“. Никогаш нема да го заборавам чувството на лебдење над асфалтот, и низ сите овие години – не најдов автомобил кој успеа да го понуди тоа искуство.

Здраво, Citroën. Францускиот бренд одлучи дека е крајно време повторно да понуди толку комфорна суспензија каква што беше хидрауличната. Во ред, таа суспензија беше прилично скапа, па инженерите на Citroën мора да најдат поедноставно (и пред сè, поевтино) решение. Тоа доаѓа во форма на новата суспензија која користи „прогресивни хидраулични перничиња“, односно дополнителни комори во амортизерите кои имаат задача целосно да ги впиваат нерамнините и вибрациите од подлогата. Но приказната не завршува таму – дел од пакетот се и новите, супер-комфорни седишта во кои навистина се чувствувате како во фотелја.

Поврзано:   Citroen продаде 400.000 примероци од новиот C3

И дали е сето тоа успешно? Накратко – да, апсолутно. Во ред, возењето не е како кај класичната хидраулична суспензија, но е проклето блиску. Нашиот тестен модел дојде опремен токму со оваа суспензија и ваквите седишта и мораме да го пофалиме – возењето по вообичаено нерамните скопски улици беше комфорно и опуштено. Вибрациите се одлично изолирани и во кабината не се пренесуваат скоро никакви несакани ефекти.

Опуштеноста пред сè

Сакам да мислам дека кога инженерите на Citroën го дискутирале освежувањето на C4 Cactus, зборот „спорт“ и сите негови изведби биле забранети на состаноците. Секој што ќе се обидел да спомне било каков „спортски карактер“ бил брзо острануван од состанокот, а на неговото место доаѓал човек кој преферирал комфор пред сè. И верувајте, тоа е навистина за поздрав. Нашиот тестен автомобил дојде опремен со 1.2-литарски турбо-бензинец со 110 коњски сили и автоматски менувач – и оваа комбинација совршено му одговара на опуштениот карактер на C4 Cactus. Едноставно, ставете го менувачот во Drive, и мирно и опуштено започнете го вашето патување. Ќе стигнете онаму каде сте тргнале одморени и релаксирани – а ако се прашувам јас, тоа се вистинските вредности на еден Citroën.

C4 Cactus како да изгуби дел од карактерот, но сè уште е еден од најнесекојдневните автомобили на улиците

Инаку – дизајнерски гледано – освежувањето на C4 Cactus носи неколку новитети. Предниот дел е редизајниран, ги нема веќе (барем не во тој размер) оние кул AirBumps заштитни панели, а задниот дел изгубил дел од несекојдневноста која досега ја имаше. Всушност, со освежувањето, со желба да ја намалат контраверзноста на дизајнот на C4 Cactus, дизајнерите на Citroën како да дозволиле да се изгуби дел од карактерот кој го правеше овој градски кросовер толку привлечен.

Поврзано:   Премиум дивизијата на PSA станува побогата - претставен DS3 Crossback

Но да се разбереме – дизајнот не е воопшто лош – C4 Cactus сè уште изгледа несекојдневно, авантгардно и кул. Дефинитивно евоцира спомени на кул моделите на Citroen од минатото и гордо го истакнува поинаквиот пристап кон нештата на францускиот бренд.

Кабината нема претрпено преголеми измени – некои материјали се сменети и подобрени, но во суштина – го добиваме истиот практичен и комфорен ентериер кој се нудеше и досега. Некои од материјалите не се најквалитетните на светот и имаме замерка на централниот мултимедијален уред кој понекогаш споро реагира на командите и не е најинтуитивниот на светот, но инаку – кабината на C4 Cactus е пријатно место за поминување време. Доволно простор ќе имаат и патниците на задната клупа, а багажникот кој нуди 358 литри е меѓу најголемите во класата. Проверивме.

Инаку, зад управувачот, C4 Cactus ќе успее да ве изненади. Иако можеби ќе помислите дека супер-меката суспензија ќе го направи непрецизен, не е баш така. Да, има навалување во свиоци, но сето тоа е контролирано и прогресивно. Во ниту еден момент нема да се почувствувате како да губите контакт со подлогата. Малиот, 1.2-литарски турбо-бензинец со 110 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 205 Nm при 1500 вртежи во минута одлично „го носи“ 965-килограми тешкиот автомобил – официјалните податоци зборуваат за забрзување до 100 километри на час за 10.9 секунди и максимални 188 километри на час.

Потрошувачката е прифатлива – за време на неколкудневното тестирање измеривме просечна потрошувачка од околу 9 литри бензин на 100 изминати километри. Возете повнимателно и можеби ќе успеете дополнително да ја намалите, а во оној момент кога ќе посакате перформанси од C4 Cactus, сè што треба е да ја притиснете „до крај“ педалата за гас – автоматскиот менувач ќе „врати“ степен-два и одлично ќе си ја заврши работата – без притоа да го наруши комфорот, секако.

Поврзано:   Citroën C3 Aircross е продаден во 100.000 примероци!

Само опуштено!

Всушност, таква е целата приказна со освежениот C4 Cactus. Еден од најкомфорните автомобили на пазарот ги зајакна своите адути – и сега е уште покомфорен, а сè што прави, прави на начин кој нема да го загрози тоа. Уште кога прв пат го возевме C4 Cactus кажавме дека наметнува стил на возење кој некои би го нарекле дефанзивен, но ние го нарекуваме опуштен. Треба да одите на пазар? Само опуштено. Сакате да одите од еден крај на градот на друг? Само опуштено. Сте тргнале на годишен одмор? Повторно, само опуштено.

Опуштеноста и смиреноста како да се вредности кои ги изгубивме. Секоја чест на Citroën што ги вложува сите напори да ни ги врати. Комфорот е навистина кул!

Спецификации

  • Мотор: 1.2-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри
  • Моќност: 110 коњски сили / 5500 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 205 Nm / 1500 вртежи во минута
  • Менувач: Автоматски, 6 брзини
  • Максимална брзина: 188 км/час
  • Забрзување 0-100: 10.5 секунди
  • Должина: 4170 mm
  • Ширина: 1979 mm (со странични ретровизори)
  • Висина: 1480 mm
  • Тежина: 965 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2595 mm
  • Багажен простор: 358 литри
  • Потрошувачка на 100 км: 9.1 литри (измерена, градска)
  • Цена на основниот модел: Citroën C4 Cactus PureTech 82 Live – 13.990 Евра
  • Цена на тестираниот модел: Citroën C4 Cactus PureTech 110 S&S EAT6 FEEL – 19.110 Евра
    Повеќе информации: Citroën.com.mk

Димензии

Галерија

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.