full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Peugeot официјално го претстави новиот 508!

По протечените фотографии, францускиот производител Peugeot и официјално го претстави својот нов знаменосец – големиот 508!

Со новиот, динамичен дизајн, спортските пропорции и модерниот ентериер, Peugeot ќе се обиде да ги привлече купувачите во овој сегмент – сегмент кој станува сè поконкурентен иако во исто време му се намалува популарноста за сметка на разно-разни SUV модели.

Од Peugeot кажуваат дека комбинираат „храбар нов, низок, купеовски дизајн со одличната практичност на пет врати“ – да, новиот 508 има голема, петта врата со која се олеснува пристапот до багажниот простор. Интересно, новиот модел е всушност 80 милиметри пократок од моделот кој го заменува, но истовремено е понизок и поширок, а нуди и повеќе багажен простор. Одличен дизајнерски детал со кој Peugeot дефинитивно задира во премиум сегментот се frameless вратите без рамки за прозорците!

Новиот 508 е поставен на EMP2 платформата на PSA, а тоа значи дека дели голем дел од основата со одличните Peugeot 3008 и 5008 (кои ние добро ги познаваме – погледнете го нашиот тест на Peugeot 3008 и нашето запознавање со големиот 5008 во Португалија). Имплементацијата на новата платформа значи и намалување на тежината за околу 70 килограми во однос на моделот кој е во заминување – а секое намалување на тежината е за поздрав бидејќи позитивно се одразува како на динамичноста, така и на потрошувачката на гориво.

На самиот старт, новиот 508 ќе се нуди со пет погонски единици – два бензинци кои испорачуваат 180, односно 225 коњски сили за GT моделот, и три турбодизели кои нудат 130, 160 и 180 коњски сили. Само 130-коњскиот турбодизел ќе може да се добие со мануелен менувач, сите други верзии ќе се нудат исклучиво со 8-брзински автоматски менувач. Сите верзии ќе бидат со погон на предните тркала, а веќе е најавено дека до крајот на оваа година ќе добиеме и плаг-ин хибридна изведба.

Поврзано:   Ексклузивно: Новиот Peugeot 508 претставен во Скопје!

Новиот 508 ќе се произведува во фабриката на Peugeot во Mulhouse, Франција. Продажбата ќе започне во Септември.

Галерија



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.