full screen background image
Search

ВОЗЕВМЕ: Peugeot 5008 во Лисабон – Прв и ексклузивен контакт со модерниот, семеен SUV!

Францускиот производител ја продолжува SUV-револуцијата во својата понуда, а ние имавме ексклузивна можност меѓу првите, во Лисабон да се запознаеме со новиот Peugeot 5008!

SUV сегментот секојдневно зема сè поголем замав – едноставно, купувачите ја сакаат практичноста, прегледноста и робустноста на урбаните теренци. Токму овој тренд кој не покажува никакви знаци на попуштање е причината што многу производители сè повеќе и повеќе ја зајакнуваат својата понуда на вакви автомобили.

Францускиот Peugeot во изминативе неколку години доживува своевидна револуција во својата гама, особено во понудата на SUV модели. Ако до пред неколку години во понудата имаа само еден или два вакви автомобили, денес Peugeot нуди цела лепеза на SUV возила кои треба да ги привлечат купувачите не само со привлечниот дизајн, туку и со функционалноста, практичноста и економичноста.

Peugeot сè погласно ги истакнува своите премиум аспирации, а со 3008 и 5008 ги демонстрира своите квалитети и вештини

Peugeot веќе долго време кажува дека сака да се искачи скалило-две погоре во традиционалната хиерархија на автомобилските производители. Тоа не значи само зголемена продажба, туку ако веќе јасно и гласно се кажуваат премиум аспирациите, тоа значи авангарден и привлечен дизајн, квалитетни материјали, врвни технологии и високо ниво на завршна обработка. Токму со новите 3008 и 5008 Peugeot ги демонстрира своите квалитети и вештините на инженерите, па воопшто не нè изненадува гордоста со која французите ги покажуваат новите модели.

Истражувањата на Peugeot покажуваат дека купувачите на SUV бараат привлечен и робустен дизајн, и дека скоро две третини од продадените возила се со високо ниво на опрема – а тоа кажува дека купувачите гледаат малку подалеку од само купување автомобил, туку ги интересираат и технологиите кои се вградуваат во нив и сите разни „играчки“ кои можат да се добијат. Токму затоа Peugeot со новите 3008 и 5008 одлучи да го понуди најдоброто од својот арсенал.

Но што точно е 5008? Ако се сеќавате, Peugeot 5008 беше класичен MPV. Следејќи ги трендовите, Peugeot препозна дека купувачите на MPV се повеќе и повеќе ги заменуваат ваквите возила со некој поробустен SUV. Кога ќе се земе во предвид дека трендовите се движат кон SUV, повеќе од јасна е одлуката да се замени стариот „комбест“ 5008 со нов, модерен и привлечен SUV со седум седишта.

Храбар и привлечен дизајн со класични SUV пропорции и модерни, храбри детали

При првиот контакт ќе помислите дека 5008 е само „продолжен“ 3008 – и за волја на вистината, нема премногу да згрешите. До средината на возилото, дизајнот е ист – го добиваме привлечниот и храбар дизајн на 3008 и сите негови моќни страни – агресивниот, динамичен преден дел со „сконцентриран“ лик и широки, хоризонтални светлосни групи. Секако, на маската на ладилникот гордо стои лавот на Peugeot, а извајаните линии на предниот браник се проткајуваат околу целиот автомобил. „Растот“ на 5008 започнува некаде на средината на автомобилот – во однос на 3008, 5008 е дваесеттина сантиметри подолг, со скоро 17 сантиметри зголемено меѓуоскино растојание – а сето тоа е со цел да се овозможни уште повеќе комфор на задните седишта и да се додаде дополнителен, трет ред седишта кој е подеднакво функционален како и вториот.

Поврзано:   Peugeot Boxer 4×4 Concept e визија за робустен кампер!

Всушност, токму со вториот и третиот ред седишта се гледа креативноста на инженерите на Peugeot. Се гледа дека некој седнал и „згреал столче“ за функционалноста да биде идеална. Вториот ред седишта (и потенцираме дека се седишта, дека не е само задна клупа) индивидуално се поместуваат нанапред или наназад, и индивидуално можат да бидат преклопени, како и да се нагоди аголот на задниот дел за идеален комфор. Модуларноста на овие седишта значи дека доколку и третиот ред е во функција, патниците и во вториот и во третиот ред ќе имаат еднаков простор за нозете. Ако земеме во предвид дека досега третиот ред седишта вообичаено бил наменет за деца, ова е пријатно и практично изненадување.

Доколку не ви се потребни, седиштата од третиот ред се спуштаат во подот и кога се „скриени“ на располагање имате 952 литри багажен простор. Но можете да отидете чекор понатаму и целосно да ги извадите овие седишта, па на располагање да имате дури 1060 литри. Кога ќе го спуштите вториот ред седишта добивате вкупно 2150 литри багажен простор, а ако го преклопите совозачкото седиште можете комфорно да пренесувате предмети долги повеќе од три метри.

i-Cockpit трансформацијата продолжува!

Во ред, сега е веќе време малку да возиме. Ја отворам возачката врата и ме пречекува модерен ентериер кој ја носи најновата генерација на i-Cockpit системот на Peugeot. Веднаш се забележува дека Peugeot има вистински премиум аспирации – сите материјали се меки на допир, а текстурираните пластики воопшто не се цврсти и груби. Никаде нема видливи завртки, а сето тоа е со цел да се подигне атмосферата во ентериерот.

Во кабината доминираат двата големи активни дисплеи преку кои се прикажуваат сите функционалности кои i-Cockpit системот ги нуди. Управувачот е повторно со намалени димензии, но бидејќи е редизајниран не смета на погледот кон инструментите. Особено е практичен дисплејот поставен директно пред возачот бидејќи нуди неколку различни режими на работа – одлично кога сакате пред вас да го гледате уредот за навигација без премногу да го оттргнувате погледот од патот.

Поврзано:   Официјализирани преговорите меѓу FCA и PSA!

Мојот прв автомобил е 2-литарски турбодизел со 180 коњски сили и автоматски менувач. Го напуштаме хотелот и започнуваме да се движиме низ улиците на Лисабон. Благодарение на високата седечка позиција и големите стаклени површини, прегледноста е одлична, па иако ова е мое прво возење во Лисабон воопшто не чувствувам трема. Започнуваме да се движиме по монументалниот мост кој го носи името на Васко де Гама. Овој мост е најдолгиот во Европа и е долг дури 12.3 километри – и верувајте, едноставно не можете да останете рамнодушни кога првиот пат ќе поминете под носачите кои како да посегнуваат кон небото.

Во „мојот“ 5008 се чувствувам комфорно и безбедно – моторот работи тивко и рафинирано, автоматскиот менувач „си ја брка работата“ и патувањето е лесно. На мазниот асфалт возењето е идеално мирно, но за нашите патишта можеби би препорачале број-два помали тркала (иако големите фелни тоооолку добро му стојат на големиот SUV). Го напуштам мазниот асфалт на големиот мост и рутата ме носи низ неколку помали места преку магистрални и локални патишта. На не-баш-идеален асфалт своето пристуство уште повеќе го истакнуваат големите тркала, но во ниту еден момент не е некомфорно. Дури и во оној момент кога го напуштив асфалтот и 5008 се соочи со земјен и нерамен пат полн со дупки не се почувствува некакво сериозно нарушување на комфорот – а и да бидеме искрени, голем процент од купувачите никогаш нема да заминат далеку од асфалтираните улици.

Управувањето е директно и прецизно, и дури изненадува подготвеноста со која големиот SUV ја менува насоката на движење. Во ред, не можеме да го избегнеме фактот дека сепак се работи за SUV кој е долг повеќе до 4.6 метри и (во оваа комбинација) тежи 1530 килограми, но префрлете го менувачот во мануелен режим на работа и навистина можете и да се забавувате со 5008!

Економичен и забавен бензинец – не го занемарувајте 1.2-литарскиот THP!

Од 2-литарскиот турбодизел се префрлам во 1.2-литарскиот THP турбо-бензинец кој испорачува 130 коњски сили. Овој мотор веќе неколкукратно ја добива наградата за мотор на годината во својата категорија – и верувајте, има зошто! Малиот турбо-бензинец работи скоро бесшумно и нема никакви несакани вибрации, а притоа испорачува сосем доволно моќност за да го задвижи 5008.

Дополнителна придобивка од помалиот мотор е и намалената тежина – опремен со 1.2-литарскиот THP, 5008 тежи само 1317 килограми (и значително помалку врз предната оска), а сето тоа резултира со навистина живо и динамично управување. Ако кога е опремен големиот турбодизел 5008 ја менува насоката со подготвеност, тогаш 5008 со турбо-бензинец ја менува насоката со вистински ентузијазам. Повторно самиот ја преземам контролата врз менувачот и со задоволство го барам најдоброто што 5008 може да го понуди!

Поврзано:   ВОЗЕВМЕ: Новиот Peugeot 208 во Португалија - Вистински хај-тек супермини!

Во ред, моторите се различни – и официјалните податоци кажуваат дека опремен со 2-литарскиот турбодизел 5008 постигнува „стотка“ за 9.1 секунда, но турбо-бензинецот го овозможува истото за само 10.4 секунди, што воопшто не е за потценување.

Официјалните податоци зборуваат за потрошувачка од 5.5 литри на 100 километри кај турбодизелот, односно 6.4 кај турбо-бензинецот, но во реалност очекувајте некаде околу 7.5 литри, односно 9 литри – резултати кои воопшто не се лоши.

Peugeot ги оправдува намерите и нуди автомобил за оние кои не сакаат да се откажат од робустноста и практичноста на SUV

По поминатото време со 5008, се наметнува прашањето – каде всушност цели Peugeot со својот нов SUV? Да, исто како и 3008, и 5008 се нуди само со погон на предните тркала, но тука е новиот Advanced Grip Control систем кој ќе ги задоволи потребите на купувачите, без притоа да наметне зголемени тежина, комплексност, потрошувачка и цена кои се резултат на погонот на сите четири тркала.

Некако, сам по себе се истакнува заклучокот дека Peugeot ги следи трендовите, и со новиот 5008 сака малку да влијае и на поставување на трендовите – а тоа го прави со напредните технологии, рационалното размислување, привлечниот дизајн и врвната практичност. Без никаква резерва можеме да кажеме дека 5008 е наменет за оние кои сакаат, и имаат потреба од семеен автомобил со седум седишта, а воедно одбиваат да се откажат од слободата и робустноста кои ги нуди еден SUV. А токму тука, новиот Peugeot 5008 SUV е полн погодок!

Peugeot 5008 2.0 BlueHDI 180 S&S EAT6 GT

  • Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
  • Моќност: 180 коњски сили / 3750 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 400 Nm / 2000 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 208 км/час
  • Забрзување 0-100: 9.1 секунди
  • Потрошувачка на 100 км: 5.5 литри (официјална, градска)
  • Тежина: 1530 килограми

Peugeot 5008 1.2 PureTech 130 S&S EAT6

  • Мотор: 1.2-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри
  • Моќност: 130 коњски сили / 5500 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 230 Nm / 1750 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 188 км/час
  • Забрзување 0-100: 10.4 секунди
  • Потрошувачка на 100 км: 6.4 литри (официјална, градска)
  • Тежина: 1317 килограми

Димензии и капацитет на багажен простор

  • Должина: 4641 mm
  • Ширина: 2098 mm (со странични ретровизори)
  • Висина: 1646 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2840 mm
  • Багажен простор: 952 – 2150 литри
  • Повеќе информации: Peugeot.mk

Видео

Галерија



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.