full screen background image
Search

ТЕСТ: Peugeot 3008 1.6 BlueHDi Active – Гордо на европскиот трон!

Францускиот производител повторно ја пронаоѓа својата вистинска насока – а најдобар пример за тоа е токму новиот и популарен Peugeot 3008 со кој ние поминавме неколку дена!

Трансформацијата на Peugeot зема замав – по претставувањето на новиот дизајнерски јазик кој ќе го имаат сите нови модели на брендот, францускиот бренд не престанува да граби кон нови височини каде обично не сме навикнати да го гледаме. Очигледно, SUV-офанзивата вродува со плод, а најдобар пример за тоа е токму автомобилот со кој поминавме неколку дена – новиот 3008.

3008 e своевидно олицетворение на амбициите на Peugeot. Во хиерархијата на PSA, Peugeot е брендот кој постепено се издигнува нагоре и како што напоменавме кога за прв пат го возевме големиот 5008 во Лисабон, сака и да се искачи скалило-две нагоре во традиционалните сегменти на автомобилските производители.

3008 го манифестира авантгардниот нов дизајн на Peugeot

Па така, 3008 го добива дистинктивниот нов дизајн на брендот – гордата, скоро вертикална предница со „наострените“ светлосни групи, тродимензионалната маска на ладилникот и карактерните линии кои ги пресекуваат страниците и им даваат несекојдневна, комплексна површина. Приказната за несекојдневниот дизајн се провлекува и на задниот дел каде главниот збор го имаат светлосните групи и гордиот, централно-поставен лав на Peugeot. Ова не е здодевен SUV со минлив дизајн – со 3008, Peugeot сака да биде забележан, виден и почитуван!

i-Cockpit е во најдобро светло токму во 3008

i-Cockpit системот на Peugeot во моментов најдобро е претставен кај 3008 (и поголемиот 5008) и токму тука се препознава вниманието кое инженерите и дизајнерите на францускиот бренд го посветиле кон добивање на она „повисоко“ чувство. Пред возачот е поставен еден дигитален дисплеј на кој се прикажуваат најважните информации при возењето – нешто како традиционални инструменти, но дигитално изведени, а на централната конзола има уште еден дисплеј преку кој се контролираат мултимедијалниот уред, клима-уредот и скоро сите дополнителни функционалности на автомобилот. Особено ни се допаѓаат прекинувачите во централната конзола кои се своевидни „кратенки“ до разни функционалности во автомобилот – едноставно, изгледаат кул!

Поврзано:   Плаг-ин хибирдниот Peugeot 3008 GT HYBRID4 може да троши само 1.3 литри бензин на 100 километри според WLTP

Седењето во француските „фотелји“ е очекувано комфорно, а интересно е чувството на „обвивање“ кое се добива во 3008. Лесно се наоѓа идеална возачка позиција, а брзо се навикнавме и на малиот управувач. Прегледноста е одлична, а за уште полесно маневрирање и паркирање низ градскиот метеж тука се паркинг сензорите и камерата со кои беше опремен нашиот тестен модел.

Peugeot 3008 нуди комфор и за патниците на задната клупа – тие ќе имаат простор како за колената, така и за главите, а вреди да се напомене дека и седиштата на задната клупа се привлечно профилирани и комфорни. Ни се допадна и несекојдневниот избор на материјали и бои со кои се покриени некои површини во кабината – се препознава вниманието кое е вложено во дизајнирањето на ентериерот на 3008. Големиот француски SUV нуди и меѓу најдарежливите багажници во класата – на располагање ќе имате одлични 520 литри кои нараснуваат на 1580 литри кога ќе ги спуштите задните седишта.

Комфорен SUV, идеален за нашите улици – но со нишка на онаа, уникатната Peugeot динамичност

Сликата за автомобил кој е комфорен и лесен за секојдневно користење продолжува и кога ќе започнеме да се движиме – контролите се лесно разбирливи и едноставни за користење, а 3008 одлично ги совладува урбаните предизвици. Суспензијата ги апсорбира нерамнините без да пренесе вибрации и несакани сензации во кабината, а истовремено не е премека за управувањето да биде како „во брод“ – напротив, 3008 е одлучно остар и динамичен, без притоа да биде нервозен. При побрзо совладување на свиоци навалувањето на каросеријата е соодветно контролирано, но не е компромитиран секојдневниот комфор. Инженерите на Peugeot одлично си ја завршиле работата!

Поврзано:   Акциска понуда за Peugeot 208 и 2008 - во која има сè!

Економичен турбодизел кој најверојатно ќе биде најпопуларниот избор

Позитивни впечатоци имаме и од 1.6-литарскиот BlueHDI турбодизел кој испорачува 120 коњски сили при 3500 вртежи во минута и 300 Nm вртежен момент од 1750 вртежи во минута. Официјалните податоци говорат за забрзување до 100 километри на час за 11.2 секунди и максимални 180 километри на час – но перформансите „во возење“ се многу поубедливи – моторот е рафиниран и еластичен, и сосем лесно повлекува во скоро било кој степен на пренос па меѓузабрзувањата се уверливи и опуштени.

Кога станува збор за потрошувачката – тука 1.6-литаркиот BlueHDI повторно заслужува пофалби. Низ град просечната потрошувачка се движи некаде околу 6.5 литри на 100 изминати километри. Бидете внимателни, и таа може дополнително да оди надолу – а тука заслуга сигурно има и релативно ниската тежина (за SUV) од само 1300 килограми.

Многу опрема, одлична безбедност

Нивото на опрема Active значи дека ќе добиете управувач и менувач обвиени во кожа, паркинг сензори, алуминиумски фелни, одличниот Peugeot i-Cockpit, автоматски клима уред, мултимедијален уред со Bluetooth поврзување, цела гама на безбедносни системи меѓу кои и систем за известување при несакано напуштање на коловозната лента, LED дневни светла, темпомат и ограничувач на брзината, еден куп хромирани детали и уште многу други ситници. Дополнително, нашиот тестен модел имаше и привлечна бакарна металик боја, затемнети задни стакла и уште неколку додатоци. Да бидеме искрени, не можеме да се пожалиме на опременоста.

Peugeot 3008 заслужено е на европскиот трон

Сето ова ја оправдува популарноста на 3008. Новиот SUV на Peugeot е меѓу најбараните на пазарот и сосем заслужено ја носи титулата за овогодинешен Автомобил на Годината во Европа. Peugeot 3008 не само што се појави на пазарот кога SUV моделите се навистина популарни, туку нуди и привлечна комбинација од храбар дизајн, одличен комфор и врвна практичност, но и моќни и екомонични мотори. Навистина е тешко да се најде забелешка на 3008.

Поврзано:   ТУРБО ТЕСТ: Peugeot 508 2.0 BlueHDI 180 GT-Line - Непогрешливо радикален!

  • Мотор: 1.6-литарски турбодизел, 4 цилиндри
  • Моќност: 120 коњски сили / 3500 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 300 Nm / 1750 вртежи во минута
  • Менувач: Рачен, 6 брзини
  • Максимална брзина: 180 км/час
  • Забрзување 0-100: 11.2 секунди
  • Должина: 4447 mm
  • Ширина: 2098 mm со странични ретровизори
  • Висина: 1624 mm
  • Тежина: 1300 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2675 mm
  • Багажен простор: 520 – 1580 литри
  • Потрошувачка на 100 км: 6.4 литри (измерена, градска)
  • Цена на основниот модел: Peugeot 3008 1.2 PureTech Access – 22.490 Евра
  • Цена на тестираниот модел: Peugeot 3008 1.6 BlueHDI Active – 27.650 Евра
    Во моментот на објавување на овој тест, акциска цена на моделот е 26.150 Евра
    Повеќе информации: Peugeot.mk


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.