ПРЕМИЕРА: Volvo го претстави новиот V60! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Volvo го претстави новиот V60!

Новиот караван на Volvo ќе ги привлече купувачите со авантгарден дизајн, луксузниот ентериер и моќни и економични мотори.

Како што и очекувавме – еве го новиот Volvo V60. Најверојатно наскоро ќе добиеме и нов седан во форма на S60, но сега за сега – еве го караванот.

Поставен на SPA платформата која ја дели со поголемите S90/V90 и XC90, V60 ветува дека ќе ги нуди истите карактеристики – а тоа се рафинираниот, шведски дизајн, луксузна кабина со врвни материјали и завршна обработка – и секако, сите погонски варијации кои Volvo веќе ги вградува и ќе ги вградува во своите модели.

Кабината е навистина слична со другите модели – но тоа воопшто не е критика. Напротив – нам навистина ни се допаднаа ентериерите како на големиот SUV XC90, така и на седанот S90. Купувачите ќе можат да изберат меѓу неколку различни комбинации на бои, а меѓу другото ќе ги добијат сите системи за активна и пасивна безбедност кои Volvo ги нуди, но и централниот мултимедијален уред, премиум аудио систем и многу, многу повеќе.

V60 е цели 117 милиметри подолг од новиот XC60 – односно 4761 милиметар. Меѓуоскиното растојание е 2872 милиметри – а тоа гарантира многу багажен простор. Со исправени задни седишта на располагање ќе имате 529 литри, односно 841 литар со спуштени задни седишта до линијата на прозорците, ооодносно цели 1364 литри до кровната линија – практично, како што и треба да биде.

Во согласност со најавата да ги електрифицира сите нови возила од 2019, V60 ќе се нуди во две хибридни варијанти – T6 Twin Engine AWD плаг-ин хибридот кој нуди 340 коњски сили, или пак T8 Twin Engine плаг-ин хибридот кој нуди 390 коњски сили. Обете хибридни варијанти се со погон на сите четири тркала и со автоматски менувач. Во понудата остануваат и конвенционалните турбо-бензински и турбодизел изведби кои ќе ги носат ознаките T5 и Т6, односно D3 и D4.

„Возачот на семеен караван е важен клиент за нашиот бизнис, и така е веќе со генерации“ – изјави Håkan Samuelsson, претседателот на Volvo Cars и додаде – „новиот V60 оддава чест на таа традиција, но истовремено ја носи и многу, многу понатаму.“

Поврзано:  Volvo EX90 ќе биде првиот автомобил кој ќе добие пасош

Видео

Галерија



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.