full screen background image
Search

Citroën го претстави новото Berlingo и најавува нова гама на мали комбиња

Името кое луѓето од Citroën го користат за ваквите автомобили е Leisure Activity Vehicle – а со тоа јасно кажуваат дека се работи за возило наменето за опуштање и уживање во животот.


Новото Berlingo Multispace официјално ќе дебитира во Женева следниот месец, но истовремено е првиот модел од целата гама мали комбиња кои ќе ги произведува PSA. Секако, нема да се задржат само на Citroën – па ќе добиеме и нов Peugeot Partner, како и нов Opel Combo базиран на истата платформа.

Berlingo Multispace е патничката верзија на ваквото возило на Citroën, и носи дизајнерски јазик сличен на C3 и C4 Cactus. Од Citroen се фалат дека во кабината на Berlingo Multispace има дури 28 локации за одлагање дребулии и ситници, меѓу кои и Modutop во кровот и Top Box во централната конзола.

За подобро искористување на внатрешниот простор вграден е и систем за варијабилно поместување на седиштата, а како што и очекуваме – купувачите ќе можат да го прилагодат Berlingo Multispace во согласност со нивните потреби.

Multispace ќе се нуди со стандардно или продолжено меѓуоскино растојание, и ќе има место за пет или седум патници, соодветно. Во понудата ќе се најдат скоро сите бензински и дизел мотори на PSA, со моќност од 75 до 130 коњски сили. Ќе може да се добие и целосно-нов автоматски менувач со 8 брзини, а дел од понудата се и дури 19 различни системи за асистенција и безбедност.

Berlingo е значаен модел за Citroën – токму францускиот бренд „го отвори“ овој сегмент со оригиналното Berlingo во 1996-та година, и низ годините се продадени преку 3.3 милиони примероци од популарното повеќенаменско возило.

Поврзано:   Citroën има концепт наменет за младите кампери - кој се вика SpaceTourer The Citroënist

Од тие 3.3 милиони, дури 1.7 милиони се токму Multispace патничките верзии, па воопшто не нè изненадува што Citroën токму со Multispace изведбата го промовира новиот модел.

Всушност, Berlingo е толку популарен, што е најпродаван модел на Citroën во 17 земји!

Видео

Галерија



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.