full screen background image
Search

ТЕСТ: Toyota Auris Touring Sports 1.8 Hybrid Fancy – Практичен и економичен караван!

Toyota сака нешто да докаже со хибридниот каравански Auris – а тоа е дека хибридните автомобили можат да бидат исто толку практични и секојдневно-корисни како и нивните конвенционални браќа.


Auris не е нов автомобил на нашите патишта – а не е нов ниту на нашите страници – ова е четврта верзија на Auris од тековната генерација која „била во наши раце.“ Приказната започна со стандардниот, бензински Auris со 1.6-литарски атмосферски бензинец, потоа се дружевме со Auris Hybrid, па на крајот со „основниот“ Auris и неговиот 1.33-литарски бензинец. Конечно, во наши раце е можеби најнесекојдневната варијанта – Auris Hybrid во караванска изведба.

Караван? Секако!

Караван? Да, секако! Иако не се премногу популарни на нашиот пазар, караваните се неизмерно практични и корисни, без притоа да морате да купите кросовер или SUV. Практичноста доаѓа во форма на голем багажен простор, но и помали трошоци за одржување во однос на SUV.

Линијата на Auris добро ја познаваме – единствено задниот дел е продолжен (и тоа за скоро 27 сантиметри) и визуелно изменет. Инаку – ова е веќе добро-познатиот Auris. Навистина нема потреба премногу да зборуваме за дизајнот – само ќе споменеме дека изгледа модерно и европски, со примеси на неизбежниот јапонски карактер на Toyota. Предниот дел е идентичен со хечбекот, а главните разлики се – очекувано, нели – во задниот дел.

Комфорен и исклучително квалитетен ентериер

Слична е приказната и во ентериерот – ова не е кабина која ни е непозната. Сосем лесно се снајдовме со сите контроли и прекинувачи, а веднаш станува јасно дека комфорот е главната цел на инженерите и дизајнерите на Toyota, а за квалитетот не треба да зборуваме – сепак се работи за Toyota.

Доволно простор има како на предните седишта, така и на задната клупа. а во кабината има доволно места за одлагање ситници – но неизбежно, најинтересниот детал е рачката на CVT менувачот која изгледа како мал џоистик.

Сепак, главниот адут тука е товарниот простор – кој го има на претек. Караванот има цели 170 литри повеќе багажен простор во однос на стандардната изведба, односнo 530 литри. Спуштете ги задните седишта и ќе имате на располагање вкупно 1658 литри. Она што радува кај караванскио Auris е мултилинк задната суспензија која сосем компетентно се справува како со зголемената тежина, така и со можеби поголемиот товар кој ќе го носите.

Примарен акцент е даден на комфорот и економичноста

Кога веќе зборуваме за суспензијата – како што веќе напоменавме, главниот збор тука го има комфорот. Auris едноставно „ги пегла“ нерамнините од нашите улици а хибридниот погон сам по себе инсистира да возите опуштено и дефанзивно за возењето да го претворите во своевидна видео-игрица. Целта на оваа игра е да се победите самите себеси, односно да видите колку ќе успеете да ја „спуштите“ потрошувачката на хибридниот систем.

Бидете крајно внимателни и дефанзивни, и воопшто нема да биде чудно доколку видите просечна потрошувачка која започнува со бројката 4, а со регуларно возење низ градскиот метеж очекувајте потрошувачка од околу 5.3 литри на 100 изминати километри. Со оглед на големината на Auris и временските услови – тоа е бројка за почит!

Auris е ненаметлив – и заради тоа е толку привлечен!

Ненаметливиот карактер на Auris преовладува со искуството – зад управувачот е комфорно и лесно се совладуваат како градските гужви, така и голтањето километри на отворен пат. Она што е особено привлечно кај Auris е токму неговата искреност – ова не е позерски SUV или некој фенси-шменси-гледај-ме-мене хибрид кој „вреска“ со својата различност – ова е искрен, доверлив и практичен автомобил кој импресионира со малку старошколски вредности кои како да ги подзабораваме.

Во трката за „спортско ова, спортско она“, хибридниот Auris повторно се наметнува како алтернативен, но навистина солиден избор – особено за оние кои се подготвени да погледнат барем малку подалеку од традиционалните кандидати.

На самиот крај – каде припаѓа Auris, поточно токму оваа, хибридна караванска изведба? Ова е автомобил за оние кои гледаат малку подалеку од „естаблишментот“ и се подготвени да го преземат следниот чекор – без разлика дали се приватни купувачи или пак компании. Хибридизацијата е неизбежен чекор напред кон целосната електрификација, а Toyota го прави тоа тооооолку добро.

Практичноста, доверливоста и комфорот на Auris се неговите најмоќни адути, а економичноста која доаѓа благодарение на хибридниот погон е само одличен бонус во приказната. А бонусите се секогаш добредојдени, нели?

  • Мотор: 1.8-литарски атмоферски бензинец, 4 цилиндри + електромотор
  • Моќност (системска): 136 коњски сили
  • Вртежен момент: 142 Nm / 4000 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 180 км/час
  • Забрзување 0-100: 10.9 секунди
  • Должина: 4595 mm
  • Ширина: 1760 mm без странични ретровизори
  • Висина: 1485 mm
  • Тежина: 1425 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2600 mm
  • Багажен простор: 530 – 1658 литри
  • Потрошувачка на 100 км: 5.3 литри (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Auris Hybrid Touring Sport Fancy – 20.490 Евра
    Повеќе информации: Toyota.com.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.