full screen background image
Search

ТЕСТ: Toyota Auris 1.6 Valvematic Luna

Новиот натпреварувач на Toyota доаѓа подготвен за борба со докажаните Европски конкуренти. Ние имавме можност подобро да го запознаеме – прочитајте ги нашите импресии од неговите квалитети!

На самиот почеток, да разјасниме нешто  – дизајнерскиот напредок кај Auris е повеќе квантен скок отколку еволуција или револуција. Новиот Auris нема ништо слично со својот претходник – но ова само покажува колку луѓето од Toyota веруваат во него и во неговите квалитети.

На предната страна доминираат острите предни светлосни стуктури и спортските, заострени отвори за воздух. Одлично изгледаат и светлата за магла кои прават огромна разлика во севкупната слика за дизајнот. Ни се допаднаа и комплексните, интересно изведени предни светла со инкорпорирани дневни светла – сè на сè, интересен и привлечен потег на дизајнерското перо.

Слична е приказната и од страна. Високо поставената карактерна линија му дава спортски карактер и изглед на автомобилот, но на нашиот тестен модел му недостасуваа барем еден број поголеми фелни за подобро да се исполнат големите отвори за тркалата. Единствено задниот дел не остави со измешани чувства – од една страна, светлосните структури изгледаат интересно, но од друга страна на задниот дел има премногу линии кои се бореа за нашето внимание. Сепак и задната страна изгледа складно со остатокот од автомобилот, а ние ќе оставиме самите да одлучите дали ви се допаѓа.

Во внатрешноста продолжува приказната за квантен скок. Во моделите на Toyota секогаш се вградувале квалитетни материјали, но забележливо е дека сега е посветено повеќе внимание на чувството што го нудат кога ќе ги допрете. Скоро и да нема груби пластики, што нам особено ни се допадна. Распоредот на командите е логичен и лесен за снаоѓање – по само неколку изминати километри ние се чувствувавме како дома и лесно ги најдовме сите команди кои ни беа потребни. Инструментите се читливи и лесно разбирливи, а благодарение на комфорните седишта кои се нагодуваа како што нам ни одговараше, лесно најдовме одлична возачка позиција.

Поврзано:   Големиот Toyota Camry пристигна и кај нас!

Просторноста во кабината е на завидно ниво, има доволно место за одлагање на дребулии и ситници и има сосем доволно место на задната клупа. Багажниот простор е под просекот во класата со 360 литри, но формата е правилна и практична за пренесување и на поголеми пакети.

Низ град, Аурис лесно се справува со предизвиците на градските гужви. Прегледноста е воглавно добра, а паркирањето го олеснува камерата поставена на вратата од багажниот простор. Благодарение на неа, паркирањето е лесно во скоро секакви услови. Одличен потег на Toyota!

Кога Аурис ќе го вперите кон свиоци, ќе бидете пријатно изненадени. Аурис никогаш не бил најуправливото возило во класата, па ни сега не е, но управувањето е сосем доволно прецизно. За жал, недостасуваат повратни информации од подлогата, но она што на Аурис му недостасува во поглед на спортско управување, го надоместува со одличен комфор и рафинираност.

Она што нам ни остави особено позитивен впечаток е бензинскиот мотор со зафатнина од 1.6 литри. Малиот мотор е гладен за високи вртежи, но подготвен е да ги испорача во било кое време. Доволните 132 коњски сили ги испорачиува на високи 6400 вртежи во минута. Максималната брзина е 200 километри на час, а 100 километри на час пристигаат за рамно 10 секунди. Не се перформанси од кои би врескале, но се сосема доволни за еден фамилијарен хечбек. Декларираната потрошувачка во градски услови е 7.9 литри на 100 изминати километри, а онаа која ние ја измеривме малку ја надминуваше – ние измеривме 8.4 литри на 100 изминати километри. На отворен пат измеривме потрошувачка пониска од 6 литри на 100 изминати километри.

Поврзано:   Corolla во Европа добива специјални GR Sport и Trek изведби

Она што е важно за еден фамилијарен хечбек е безбедноста и опременоста. Безбедноста е гарантирана благодарение на електронските безбедносни системи кои се дел од пакетот – систем против блокада на сопирачките, систем за заштита на стабилноста, итн, но и 9 воздушни перничиња! Опременоста е на завидно ниво – нашиот тестен модел дојде со двозонски, автоматски клима уред, менувач и волан обложени со кожа, камера за движење наназад со дисплеј во централниот мултимедијален уред кој е чувствителен на допир, овозможува репродукција на многу аудио формати, но нуди и Bluetooth поврзување со мобилниот телефон.

Прашањето кое си го поставуваме на крајот е дали новиот Auris е конкурент на веќе докажаните модели во оваа класа? Одговорот на ова прашање е потврден  – Auris е сериозен конкурент. Свежиот и несекојдневен дизајн го издвојуваат од конкуренцијата, а квалитетот и доверливоста се тема за која воопшто не треба да се дискутира – сепак зборуваме за Toyota. Очигледно е дека Toyota решила да го направи Auris интересен и за помладите купувачи – чекор кој ние го поздравуваме – без притоа да ги оддалечи веќе лојалните обожуватели на брендот.

  • 1.6-литарски атмосферски бензински агрегат
  • Моќност: 132 коњски сили / 6400 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 160 Nm / 4400 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 200 км/час
  • Забрзување 0-100: 10 секунди
  • Должина: 4275 mm
  • Ширина: 1760 mm
  • Висина: 1460 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2600 mm
  • Багажен простор: 360 литри
  • Потрошувачка: 7.9 (официјална, градска), 8.4 (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Toyota Auris 1.6 Valvematic Luna – 17.490 Евра

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.