ПРЕМИЕРА: Audi A7 Sportback – Спортскиот лик на луксузната класа! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Audi A7 Sportback – Спортскиот лик на луксузната класа!

Во овој момент Audi го претставува новиот A7 Sportback, а ние меѓу првите ви ги пренесуваме првите фотографии и сите детали за новото луксузно купе со пет врати!

Поставен на MLB Evo платформата, A7 Sportback ја дели основата со големиот Q7. Новиот автомобил е долг 4969 милиметри, има меѓуоскино растојание од 2926 милиметри и ширина од 1908 милиметри (без страничните ретровизори, секако), но е висок само 1422 милиметри. Формата е ниска и широка, а на предниот дел доминираат големите светла кои влечат инспирација од Prologue концептите на брендот – всушност, ова е најчиста интерпретација на дизајнерскиот јазик кој Audi го користеше кај Prologue концептите.

Ентериерот комбинира дизајн и технологија на уникатен начин – според Audi, кабината импресионира со футуристичката лаунџ атмосфера – чист дизајнерски јазик, хоризонтални линии и хај-тек инструменти се адутите со кои Audi A7 Sportback ќе се бори со конкурентите. Според она што го кажуваат, A7 Sportback нуди простор во кабината како голем седан со четири врати, но багажен простор како кај Avant, односно караван. A7 ќе ги добие сите хај-тек решенија кои ги добива и A8 – па верувајте, ништо нема да недостасува!

Новиот A7 добива можност за управување на сите четири тркала, благодарение на новата платформа. А7 ќе може да се добие со тркала со големина до 21 инч, а зад нив можат да се кријат сопирачки со дијаметар од дури 400 милиметри. Доколку одберете спортска суспензија, вашиот А7 ќе биде 10 милиметри поблиску до подлогата, а можете да нарачате и спортски диференцијал кој дополнително ќе ги истакне спортските карактеристики на A7.

Сите мотори кои ќе се вградуваат во А7 стандардно ќе доаѓаат со Mild Hybrid System (MHEV) за зголемен комфор и ефикасност – 48-волтен електричен систем кој користи дополнителни системи за заштеда на енергијата – на пример, Belt Alternator Starter (BAS) системот соработува со литиум-јонска батерија за да рекуперира до 12 kW при сопирање. Дополнително, при брзини од 55 до 160 километри на час автомобилот може да „едри“ во режим кога моторот е исклучен и лесно да биде рестартиран преку BAS системот.

На самиот старт, Audi А7 Sportback ќе биде лансиран со 3.0 V6 TFSI турбо бензинец. Турбо-бензинецот испорачува 340 коњски сили и 500 Nm вртежен момент. Овој модел ќе ја носи ознаката A7 55 TFSI и ќе забрзува до 100 километри на час за 5.3 секунди и ќе постигнува максимални 250 километри на час. Овој мотор ќе се комбинира со седум-брзински S-Tronic менувач со двојна спојка и quattro погон на сите четири тркала. Понатаму во понудата ќе се понудат и дополнителни мотори со четири и шест цилиндри, како бензински, така и дизелски.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.