full screen background image
Search

Jaguar го претстави електричниот тркачки I-Pace eTrophy во Франкфурт

Базиран на I-Pace Concept, I-Pace eTrophy е електричен автомобил со високи перформанси кој ќе се натпреварува во новиот eTrophy шампионат.

Овој шампионат ќе биде организиран покрај FIA Formula E шампионатот и ќе започне при крајот на 2018 година како прва тркачка серија со електрични автомобили на батерии. Тука ќе земат учество 20 примероци од моделот I-Pace eTrophy, кои ќе се натпреваруваат на улиците на Хонг Конг, Париз, Сао Пауло и Њу Јорк.

Автомобилите ќе бидат произведени од специјалната дивиција на Jaguar Land Rover – Special Vehicle Operations (SVO) во Варвикшир, Велика Британија. Секое од овие возила ќе се одликува со агресивен преден дел со големи отвори за воздух и истакнат сплитер, а тука се и отвори на страничните крила и аеродинамични прагови.

Тврдокорниот третман продолжува и на задниот дел, така што дизајнерите инсталирале масивен заден спојлер и голем дифузер. Други приметливи елементи се вентилирачки поклопец на моторот и екстра лесни алуминиумски фелни под кои се наоѓаат сопирачки со високи перформанси.

Спецификациите остануваат непознати, но оргиналниот I-Pace концепт имаше батерија од 90 киловатчаса и по еден електричен мотор на секоја оска. Моторите имаа комбинирана испорака на сила од 400 кс и 700 Nm вртежен момент и му овозможуваа на концептот да патува до 500 километри со едно полнење.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.