full screen background image
Search

Премиера: Новиот BMW M5 има 600 коњски сили и забрзува „до стотка“ за 3.4 секунди!

Кажете му добредојде на новиот германски супер-седан – новиот BMW M5 има 600 коњски сили и за прв пат – специјално тјуниран xDrive погон на сите четири тркала!


Ајде да започнеме со најважното – моторот. Новиот М5 е придвижуван од 4.4-литарски M TwinPower Turbo V8 бензинец кој испорачува 600 коњски сили и 750 Nm вртежен момент. Моторот е поврзан со 8-брзински автоматски менувач кој преку M xDrive ја испорачува силата кон сите четири тркала. Според BMW, ова е „најемотивниот систем со погон на сите четири тркала“ и нуди неколку различни режими на работа, вклучувајќи и традиционален погон само на задните тркала.

Сето ова значи забрзување „до стотка“ за само 3.4 секунди (се сеќавате кога ваквите бројки беа резервирани само за супер-автомобилите?) и електронски ограничена брзина на 250 километри на час – но одберете го M Driver’s пакетот и максималната брзина расте на 305 километри на час. Забрзувањето до 200 километри на час трае само 11.1 секунда!

Секако, најмоќната „Петка“ ќе ја препознаете по агресивните браници и пошироките крила, како и големите 19 или 20-инчни тркала и M карбон-керамички сопирачки. Кабината добива M спортски управувач, спортски кожни седишта и уникатни детали од алуминиум. Ќе можете да нарачате и специјални М седишта кои би требало да ја нудат најдобрата поддршка меѓу конкурентите.

Од BMW се фалат дека новиот автомобил е полесен од стариот  – тежи само 1855 килограми – што со оглед на тоа колку многу технологија е спакувана во M5, воопшто не е превисока бројка.

Најбрзите купувачи ќе можат да го нарачаат BMW M5 First Edition кој доаѓа во уникатна Frozen Dark Red Metallic боја со Shadow Line пакет, детали во сјајна-црна боја и лесни 20-инчни тркала. Ентериерот добива детали во пијано-црна боја, M седишта и уникатна ознака. Ќе бидат произведени само 400 примероци, а секој ќе чини дополнителни 19.500 евра повеќе од почетната цена од 117.900 евра.

Поврзано:   Manhart го направи BMW M2 CS уште поимпресивен

Според најавеното, испораките ќе започнат на пролет следната година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.