full screen background image
Search

Официјално: Од денес Opel е дел од PSA Групацијата

Од денес е и официјално – продажбата на Opel Automobile GmbH е завршена, и од денес Opel и Vauxhall се дел од PSA групацијата!

Амбициите кои PSA ги има за Opel и Vauxhall се големи – според Carlos Tavares (претседателот на PSA), денес го гледаме раѓањето на вистински европски шампион. Тој објасни дека ќе им помогнат на Opel и Vauxhall да се вратат кон профитабилноста и дека заединчки ќе постават нови стандарди во индустријата. Ќе ги искористат сите можности кои брендовите ги нудат – Opel ќе остане германски, Vauxhall ќе остане британски, и според него, тие се одличен додаток на француските Peugeot, Citroen и DS Automobiles.

Според претседателот на Opel Automobile GmbH – Michael Lohnscheller – новата цел на Opel и Vauxhall е да се вратат во маргините на профитот до 2020-тата година. Амбициозни бројки, со оглед на тоа дека Opel нема постигнато никаков профит повеќе од 10 години. Амбициите на PSA за Opel и Vauxhall се да имаат оперативна маргина од 2 проценти до 2020, и 6 проценти до 2026. Заедничкиот настап на PSA со Opel ќе овозможи значително олеснување во однос на економичноста од размер, како и заштеда при набавки на делови, производство и развој.

На Lohnscheller ќе му помогнат четворица нови членови на менаџмент тимот. Chritian Muller станува подпретседатело одговорен за развој. Негова цел ќе биде да ги интегрира одделот за инженеринг и одделот за развој во еден заеднички тим. Remi Girardon доаѓа од PSA и ќе биде одговорен за производството. Philippe de Rovira исто така доаѓа од PSA и ќе биде одговорен за финансии во Opel. Конечно, доаѓа и Michelle Wen, поранешно одговорна за набавки во Vodafone, а сега во Opel ќе ја врши истата работа.

Поврзано:   Фабриката на Peugeot во Mulhouse го произведе милионитиот 2008!

Lohnscheller најавува поефикасна менаџмент структура во рамките на Opel – тој сака да ја намали комплексноста и да ја зголеми брзината. Сепак, PSA и Opel/Vauxhall соработуваат уште од 2012, па темелите се веќе поставени. Оваа соработка веќе резултира со четири заеднички возила – Opel Crossland X (кој веќе е на пазарот), Grandland X (кој треба да пристигне оваа есен), како и наследникот на Opel Combo и новата генерација од бест-селерот Opel Corsa која треба да пристигне во 2019.

Соработката на Opel/Vauxhall со General Motors ќе продолжи уште неколку години – тие ќе продолжат да соработуваат на полето на електрични погони, а фабриките на Opel ќе продолжат да произведуваат за брендовите Buick и Holden.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.