Novitec го опреми Ferrari 488 GTB со широк бодикит и 772 коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Novitec го опреми Ferrari 488 GTB со широк бодикит и 772 коњски сили!

Најпознатата тјунинг компанија за модифицирање на италијански суперавтомобили претстави пакет за естетско дотерување и засилување на перформансите на 488 GTB.

Бодикитот N-Largo ќе биде произведен во само 11 примероци и е инспириран од дизајнот на легендарниот F40, кој е единствен претходен модел на Ferrari со турбополнач. Бодикитот е за 14 сантиметри поширок на задната оска споредено со стандардната изведба која доаѓа од Маранело. На предниот дел, додадени се пошироки крила кои ги вдомуваат 21-инчните предни, a тука се и 22-инчните задни NF6 NL ковани фелни обвиени во пневматици со профил 335/25.

Сите овие измени не се применети само за визуелен ефект – туку исто така го подобруваат доводот на воздух до сопирачките и погонската единица. Tрите отвори интегрирани на горниот дел од предните крила служат за побрзо да го извлечат топлиот воздух од сопирачките. За подобро ладење на задните сопирачки, додадени се отвори за вентилација новите странични прагови.

Секако, Novitec исто така поработеа и на зголемување на силата на 3.9-литарскиот V8 и сега нудат две опции кои ќе ги подобрат неговите перформанси. Со репрограмирање на компјутерската единица и додавање на нов издувен систем со високи перформанси, кој ќе му даде на возилото и помелодична нота, тие го снабдиле моделот со дополнителни 102 коњски сили, за конечна моќност од 772 коњски сили при 7,920 вртежи во минута.

Благодарение на поголемата сила, суперавтомобилот сега забрзува од 0-100 км/ч за само 2.8 секунди, додека максималната брзина е зголемена на 342 км/ч.

Во понуда се и дополнителни опции како надградена суспензија со систем за подигнување на предниот дел од автомобилот со допир на копче. Според Novitec, ентериерот може да биде персонализиран во секој аспект според личниот вкус на сопственикот на N-Largo.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.