Jaguar F-Type добива нов Ingenium турбо-бензинец со четири цилиндри – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Jaguar F-Type добива нов Ingenium турбо-бензинец со четири цилиндри

Купувачите кои сакаа да купат Jaguar F-Type можеа да изберат меѓу V6 и V8 мотори – но од денес им е достапен и нов Ingenium турбо-бензинец со четири цилиндри и 300 коњски сили!

Jaguar денес официјално потврди дека ќе почне да нуди еден од своите Ingenium турбо-бензинеци во F-Type купето. Со овој потег тие сакаат да понудат модел кој ќе биде полесен, поевтин за купување и значително поекономичен во однос на своите поголеми браќа.

Инженерите од Jaguar ја избраа најмоќната верзија на Ingenium турбо-бензинецот, која нуди 300 коњски сили и 400 Nm вртежен момент. На почетокот ќе се нуди со 8-брзинскиот автоматски менувач и погон на задните тркала, но веќе се шират гласини дека Jaguar ќе го нуди овој мотор во F-Type и со мануелен менувач. Токму оваа варијанта би била меѓу поинтересните за автомобилските ентузијасти бидејќи турбо-моторите имаат многу потенцијал за тјунинг.

F-Type опремен со овој мотор и автоматскиот менувач постигнува 100 километри на час за 5.4 секунди и достигнува максимални 250 километри на час – сосем респектабилни бројки, со оглед на тоа дека ова е „основен“ F-Type – кој истовремено е полесен од V6 моделот за цели 65 килограми – и тоа во предниот дел. Според она што го кажуваат од Jaguar, ова го прави F-Type поагилен и поподготвен за справување со кривулести патишта.

Заедно со новиот мотор, F-Type добива и нови браници, како и централно-поставен издув и нови 18-инчни тркала за четири-цилиднерскиот модел. Ќе може да се добие како купе и како роудстер, а примарни конкуренти ќе му бидат Porsche 718 Boxster и Cayman.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.