full screen background image
Search

Премиера: Dodge Challenger Demon – Sвер наменет за драг-патеката!

Новиот крал на драг-патеката доаѓа од Dodge – ја носи ознаката Demon, нуди дури 840 коњски сили и постигнува 60 милји на час за само 2.3 секунди!

Вљубениците во мускулестите автомобили и драг-трките имаат нов херој. Херојот доаѓа (нормално) од Америка, а се вика Dodge Challenger Demon. Го носи истиот 6.2-литарски компресорски V8 кој веќе се вградува во Challenger Hellcat, но сега компресорот е поголем, а доработен е и моторот – па на располагање стојат дури 840 коњски сили. Сето ова му овозможува на Challenger Demon да забрза до 60 милји на час (96 километри на час) за само 2.3 секунди и четвртина милја да помине за 9.65 секунди при 225 километри на час.

Дополнително, Challenger Demon држи и еден несекојдневен рекорд – ова е првото возило во сериско производство во светот чиј преден дел се одвојува од земјата при нагло забрзување, а при забрзување постигнува 1.8g. Сопствениците добиваат два различни клучеви – едниот овозможува пристап до „само“ 500 коњски сили, а вториот овозможува пристап до 808 коњски сили на 91-октанско гориво, односно сите 840 коњски сили на 100+ октанско гориво.

Преносот е кон задните тркала, преку зајакнат TorqueElite 8HP90 8-брзински автоматски менувач. Новиот менувач му овозможува на Demon да ја пренесе моќта кон оските пред стоечки старт, а тоа пак го подобрува лансирањето на драг патеката. Системот го „задржува“ моторот на идеални 2350 вртежи во минута за идеално лансирање, а благодарение на Nitto драг-пневматиците (кои се легални за возење на обични патишта!) силата при лансирање е зголемена за дури 40% во однос на Hellcat.

Demon e повеќе од 90 килограми полесен од Hellcat, а заштедата е благодарение на отстранетите предно совозачко седиште и задните седишта, 16-те звучници, користени се шупливи цевки за некои компоненти, а многу делови се од алуминиум. Бидејќи помалку-или-повеќе целиот ентериер го нема, тргнати се и многу од каблите кои се користат за компонентите во кабината. Купувачите кои ги сакаат совозачкото седиште и задната клупа можат да ги нарачаат за само 1 долар секое.

Цената на Dodge Challenger Demon уште не е позната, но производството ќе започне ова лето. Ќе бидат произведени 3000 примероци за САД и 300 примероци за Канада.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.