full screen background image
Search

Женева 2017: Jaguar го облече I-Pace Concept во црвено за Европската премиера

Jaguar го носи првото целосно електрично возило на компанијата на Женевскиот саем во прекрасна црвена боја, со цел да го зголеми интересот за неговата сериска изведба која пристигнува следната година.

Ова е многу важен проект за Jaguar. Всушност, главниот дизајнер на брендот – Иан Калум го опишува I-Pace како можеби најважниот модел од иконскиот E-Type. Поради тоа, тој е поставен на целосно нова платформа и во неговата сериска изведба ќе располага со пакет батерии од 90 киловат-часа, слично како оние кои можат да се најдат кај Tesla Model X P90D. Батериите со течно ладење ќе бидат интегрирани во подот, со што ќе му дадат на возилото идеален центар на гравитација и максимален опсег од над 500 километри со едно полнење.

 

Концептот е погонуван од сет електрични мотори, по еден на секоја оска, обезбедувајќи му погон на сите тркала и комбинирана испорака на сила од 400 кс и вртежен момент од 699 Nm. Ова се навистина импресивни бројки за фамилијарен кросовер, кога ќе се земе во предвид и забрзувањето од 0-100 км/ч за само четири секунди.

Кога ќе започне со производство, I-Pace ќе биде составуван во Австрија, од страна на компанијата Magna Steyr. Дел од производството би можело да се одвива и во Велика Британија, но извршниот директор на Jaguar Land Rover – Ралф Спет изјави дека таков потег би бил возможен само доколку локалната влада инвестира 450 милиони фунти да ги поддржи автомобилските производители да создадат нови продавници на електрични возила во земјата.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.