Infiniti во соработка со тимот на Renault Sport F1 го направи Q60 Black S – кој е „опремен“ со 400 коњски сили и KERS систем.
Направен со цел да ја прослави техничката соработка помеѓу двата тима, концептот е придвижуван од 3-литарски V6 твин-турбо бензински мотор со 400 кс и KERS генератор во F1 стил, кој ја подигнува целосната моќност на 500 „коњи“.
Уникатниот погон е развиен заедно од инженерите на Infiniti и Renault во седиштето на F1 тимот во Франција. Мотор-генераторот ја собира енергијата која се создава при сопирање и топлината од издувните гасови, а потоа ја складира во модул од литиум-јонски батерии. На крај, таа енергија се користи да ја зголеми испораката на моторот и побрзо да ги заврти турбополначите.
Каросеријата доби целосен редизајн и сега располага со целосно нови и агресивни браници, странични прагови, отвори за вентилација на поклопецот од моторот, големи титаниумски издувни цевки и огромен заден спојлер. Новиот дизајн е целосно функционален и обезбедува значително поголема потисна сила. Тркалата се исто така специјално дизајнирани за Q60 Black S и се со големина од 21 инч.
Infiniti вели дека нема да лансира сериски модел базиран на овој концепт сеуште, но сака да го согледа јавниот интерес за модели со високи перформанси.