full screen background image
Search

ЖЕНЕВА 2017: Претставен наследникот на CC – новиот Volkswagen Arteon

Volkswagen го претстави наследникот на популарниот CC кој во хиерархијата на брендот ќе биде поставен над Passat и ќе се вика Arteon!

Како што и очекувавме, Arteon ја користи модуларната MQB платформа на Volkswagen групацијата. Новиот автомобил е долг 4862 милиметри, широк 1871 милиметар и висок 1427 милиметри, и има меѓуоскино растојание од 2841 милиметар (50 милиметри подолга од онаа на Passat). Сето ова ветува интересни и привлечни пропорции, а од Volkswagen кажуваат дека Arteon е премиум гран туринг автомобил, со уникатен преден дел, силни странични линии и ниска кровна линија.

„Атлетските линии на Arteon претставуваат функционален концепт. Формата и функцијата наоѓаат заеднички простор на прогресивен начин“ – изјави Tobias Suhlmann, човекот одговорен за екстериерот на Arteon, и додаде – „во контраст на класичните седани, gran turismo-то нуди повеќе простор и флексибилност благодарение на долгото меѓуоскино растојание, купе-дизајнот и големата петта врата.“

На самиот почеток Arteon ќе се нуди со шест бензински и дизел мотори. Понудата започнува со новиот 1.5-литарски TSI турбо-бензинец со 150 коњски сили, и 2-литарскиот TSI турбо-бензинец кој нуди 190 или 280 коњски сили. Доколку сакате турбодизел, на располагање ви стојат три верзии – две варијанти на TDI со 150 односно 190 коњски сили, како и одличниот 2-литарски BiTDI кој испорачува 240 коњски сили (кој ние веќе добро го познаваме од кај Passat.) Во зависност од изведбата, Arteon ќе може да се добие со погон на предните или сите четири тркала, и со шест-степен мануелен или седум-степен DSG автоматски менувач.

Кабината е слична како онаа кај Passat, но Arteon ги добива сите најнови технологии на Volkswagen групацијата – активниот дисплеј пред возачот, новите инфозабавни системи и сите други „играчки“ кои веќе можат да се добијат кај другите модели – адаптивен темпомат, проактивна заштита и многу други системи. Дополнително, според Volkswagen, Arteon има највеќе простор за нозете во класата, а на задната клупа има место за тројца патници.

Поврзано:   ИНТЕРВЈУ: Д-р. Златко Муцунски, Порше Македонија - Што подобро ги запознаеме електричните возила, неизбежно е да ги засакаме. Останатото е лесно.

 

Arteon се очекува да пристигне во салоните во втората половина од оваа година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.