full screen background image
Search

Утринска Гимнастика: Lamborghini Huracan Performante доминира na Nürburgring!

Иако сè уште не е официјално претставен, Lamborghini Huracan Performante постави нов рекорд од 6 минути и 52 секунди на „Зелениот Пекол“, со кој го остави Porsche 918 Spyder пет секунди зад себе.

Иако не се официјално објавени неговите спецификации, се зборува дека срцето на моделот ќе биде познатиот 5.2-литарски атмосферски V10 кој ќе добие засилување од 25 до 40 кс и 40 Nm над стандардните 610 кс и 560 Nm вртежен момент. Конечната сила се очекува да биде некаде околу бројките од 650 кс и 590 Nm.

Performante ќе располага со специјален систем кој ќе ја зголеми потисната воздушна сила или ќе го намали коефициентот на воздушен отпор во зависност од потребата. Системот наречен „Aereodinamica Lamborghini Attiva“ се состои од нови аеродинамички додатоци за предниот сплитер и задното крило кои не може да се сретнат кај стандардниот модел. Видеото од 43 секунди го прикажува токму неговото функционирање во акција на Nürburgring.

Заедно со новиот аеро систем, Huracan Performante ќе биде олеснет за околу 41 килограм во однос на стандардниот модел благодарение на материјали од кован композит за каросеријата. Технологијата е развиена од страна на Lamborghini во соработка со компанијата Callaway Golf, a дебитираше во 2010 година на извонредниот Sesto Elemento.

Новиот Huracan Performante ќе дебитира на автомобилскиот саем во Женева во Март. Погледнете го извонредниот круг на тркачката патека и уживајте!



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.