full screen background image
Search

Нови димензии – претставена Porsche Panamera Sport Turismo!

Porsche ја претстави караванската изведба на Panamera – која го носи името Panamera Sport Turismo и комбинира врвни перформанси со практичност и просторност на караван!

Веднаш ќе ги забележите разликите меѓу „обичната“ Panamera и новата Sport Turismo – по Б-столбот, кровната линија продолжува поназад во однос на обичниот модел и завршува со многу понагласен каравански облик. Ова дозволува повеќе простор за главите во кабината (всушност, Panamera Sport Turismo е првата Panamera која овозможува тројца да седнат на задната клупа), но и повеќе багажен простор – сега имате на располагање 520 литри, односно 1390 литри со спуштени задни седишта.

Другите димензии остануваат скоро непроменети – должината и ширината остануваат исти (5049 и 1937 милиметри, соодветно) но Sport Turismo е 5 милиметри повисок. Инженерите работеле и на активниот заден спојлер, кој забележува доколку стаклениот кров е отворен и се поставува самиот на агол од 26 степени со цел да ја намали буката од ветерот во кабината.

При лансирањето ќе се нудат пет различни изведби на Panamera Sport Turismo. Купувачите ќе можат да изберат меѓу Panamera 4, Panamera 4S, Panamera 4S Diesel, Panamera 4 E-Hybrid и Panamera Turbo. Врвниот модел во понудата – Panamera Turbo Sport Turismo – ќе испорачува 542 коњски сили, а кај другите моќта е меѓу 325 и 456 коњски сили. Во Германија цените ќе започнуваат од 97.557 евра.

Ако ние се прашуваме, новата Panamera Sport Turismo изгледа одлично, и им честитаме на храброста на дизајнерите во Porsche!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.