BMW ја претстави караванската изведба на новата Серија 5! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

BMW ја претстави караванската изведба на новата Серија 5!

Баварскиот производител ја претстави караванската верзија на Серијата 5 – новата 5 Series Touring нуди многу багажен простор, но и доза на динамична елеганција.

Ние тука од CARclub сакаме каравани – едноставно, има нешто привлечно кај големите и практични автомобили. Најновиот караван доаѓа токму од BMW, и тоа во форма на 5 Series Touring.

Како и седанот, така и караванот ја користи новата лесна платформа на BMW, а стандардно добива воздушна суспензија на задната оска со систем за автоматско порамнување. Капацитетот на багажниот простор порасна на 570 литри, а дополнително расте на 1700 литри кога ќе се спуштат задните седишта. Задната клупа може да се подели во однос 40:20:40, со цел да се зголеми практичноста, а вратата од багажниот простор доаѓа со автоматско отворање и можност за отворање само на задното стакло.

5 Series Touring на почетокот ќе се нуди со четири мотори – и тоа 530i Touring со 2-литарски турбо-бензинец со 248 коњски сили, како и 540i xDrive со 3-литарски 6-цилиндерски мотор 335 коњски сили и 450 Nm вртежен момент. Доколку сакате турбодизел, ќе можете да изберете меѓу 520d кој нуди 187 коњски сили и 530d кој користи 3-литарски 6-цилиндерски мотор со 261 коњска сила и моќни 620 Nm вртежен момент. Овој модел ќе може да се нарача и со xDrive погон на сите четири тркала.

Секако, новата “Петка“ караван ги добива истите нови технологии како и седанот, а тоа значи голем 10.25-инчен мултимедијален дисплеј со препознавање гестикулации, цела гама на системи за активна безбедност, и уште многу, многу повеќе. Продажбата ќе започне во Јуни.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: BMW го најавува новиот iX3 со Vision Neue Klasse X


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.