ПРЕМИЕРА: Crossland X е новиот урбан кросовер на Opel! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Crossland X е новиот урбан кросовер на Opel!

Crossland X е наменет да биде поставен покрај Mokka X и да биде наследник на успешната и практична Opel Meriva.

Растечката популарност на кросоверите и SUV моделите е причината поради која Opel ја заменува Meriva токму со ваков автомобил. Сепак, за да нема простор за нејаснотии, од Opel кажуваат дека иако Crossland X ќе биде поставен покрај (наместо над или под) Mokka X, сепак конкуренцијата на двата модели е различна.

Примарната разлика е во фактот дека Crossland X ќе се нуди само со погон на предните тркала, додека Mokka X може да се добие со погон на сите четири тркала. Дополнително, Crossland X е цели 70 милиметри поблиску до подлогата од својот семеен ривал, со што се истакнува семејната ориентација на новиот модел. Сега за сега не се познати моторите кои ќе се вградуваат во Crossland X, но можеме да сметаме дека ќе ги добиеме познатите и докажани мотори на Opel.

Онаму каде Crossland X ќе се обиде да постави нови стандарди во сегментот, е во понудата на простор – задната клупа е лизгачка, а багажниот простор нуди од 410 литри зафатнина. Ќе има многу „играчки“ и за вљубениците во технологијата – сите мултимедијални уреди кои ќе се вградуваат во Crossland X ќе нудат Android Auto и Apple CarPlay компатибилност, а ќе може да се нарача безжично полнење за мобилен уред како и OnStar сервисот на GM. Меѓу другите технологии ги истакнуваме 180-степенската паркинг камера, системот за асистенција при паркирање, систем за препознавање пешаци и автономно кочење, предупредување за напуштање на коловозната лента, препознавање на сообраќајни знаци, итн. Со ова Opel воведува нови технологии во сегментот – слично како што направи со најновата Astra.

Opel Crossland X ќе пристигне на пазарот ова лето.

Поврзано:   Opel Astra добива нов лајт-хибриден погон



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.