full screen background image
Search

Официјално: Следниот Ford Mustang ќе има и хибридна варијанта!

Еве нешто неочекувано – Ford потврди дека следната генерација на легендарниот Mustang ќе воведе уште еден новитет – а тоа е хибридна изведба во истиот дух како Ferrari LaFerrari, Porsche 918 и McLaren P1!

Официјални претставници на Ford ги објавија неколкуте модели кои ќе бидат лансирани во следните пет години, и ќе бидат дел од вкупно 13-те глобални хибридни и електрични модели кои Синиот Овал ќе ги понуди во следните пет години.

Ford објави детали за 7 од вкупно 13 модели – а меѓу нив се наоѓаат Mustang Hybrid, F-150 Hybrid и Transit Custon Plug-In Hybrid. Дополнително, Ford ќе лансира целосно електричен SUV (најверојатно базиран на следната генерација на Kuga) кој ќе има автономија од „најмалку 480 километри.“ Според она што е официјално објавено, новиот електричен SUV ќе се произведува во фабриката на Ford во Flat Rock, а ќе се нуди на купувачи во Северна Америка, Европа и Азија.

Сепак, она што е најверојатно најинтересно за купувачите е хибридната изведба на легендарниот Mustang. Според она што го кажуваат од Ford, хибридната верзија ќе нуди „V8 моќ и уште повеќе вртежен момент на ниски вртежи.“ Хибридниот мустанг ќе биде претставен во 2020-тата година, а на почетокот ќе се нуди само во Северна Америка. Тоа значи дека најверојатно и купувачите во Европа ќе имаат можност да стигнат до хибридниот Mustang. Ние веќе добро го познаваме сегашниот Mustang – во Унгарија имавме можност да го возиме како „малиот“ 2.3-литарски EcoBoost, така и големиот 5-литарски V8!

Интересно е дека Ford најавува Mustang каде електромоторите всушност ќе имаат улога да го „дополнат“ V8 бензинецот, а тоа значи дека хибридниот систем ќе биде во насока на подобрување на перформансите, покрај очекуваните придобивки во контекст на потрошувачката.

Поврзано:   Puma и Fiesta добиваат нов, 7-брзински менувач со двојна спојка

Интересен за деловните купувачи ќе биде Transit Custom плаг-ин хибридот кој ќе пристигне ширум Европа во 2019. Со овој модел, Ford ќе се обиде дополнително да ја зголеми исплатливоста на Transit со тоа што ќе ја намали потрошувачката токму онаму каде е најголема – во градските метежи.

За посветеноста на Ford на електрификација на целата гама зборува инвестицијата која компанијата ќе ја направи во фабриката во Flat Rock – инвестицијата тежи 700 милиони долари, ќе бидат отворни 700 нови работни места, а целиот проект за електрификација „тежи“ вкупно 4.5 милијарди долари.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.