Новата генерација на Ford Fiesta ќе биде откриена на 29ти Ноември – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Новата генерација на Ford Fiesta ќе биде откриена на 29ти Ноември

За една недела од сега Ford во Келн ќе ја претстави новата генерација на малиот бестселер Fiesta, кој доаѓа со еволутивен дизајн и нови технологии.

Ford-овиот конкурент на Renault Clio, Opel Corsa, Peugeot 208, Citroen C3 и Volkswagen Polo ќе порасне во големина и ќе се одликува со најновиот дизајнерски јазик на брендот, заедно со нови системи за активна безбедност и други технологии. Моделот ќе го задржи забавниот карактер од сегашната генерација, кој е главната причина за неговата популарност во овој сегмент.

2017-ford-fiesta-spy-photo-1

Уловените фотографии од магазинот Motor1 се досега најдобрите шпиунски фотографии кои во најголем дел го откриваат изгледот на малиот градски автомобил. Оттука можеме да претпоставиме дека новата Fiesta ќе биде со слична форма како и досега, но помодерна и поширока, со цел да се зголеми просторот во кабината, кој беше најслабата точка на сегашниот модел.

Палетата на мотори ќе ја сочинуваат 3 и 4 цилиндарски EcoBoost агрегати, како и нов 1.5-литарски EcoBlue дизел. ST моделот ќе биде тука и со новата генерација, кај која ќе добие повеќе сила, односно 220 кс кои ќе бидат испорачувани кон предните тркала.

Сепак, од претставувањето на новата Fiesta, па до нејзиното официјално појавување на пазарот ќе помине одреден период. Таа прво треба да биде официјално претставена на некој саем на автомобили, за продажбата да започне неколку месеци потоа.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.