full screen background image
Search

Porsche ја претстави продолжената Executive изведба на новата Panamera, воведуваат и нов основен мотор

Новата Panamera ќе порасне – и тоа буквално! Со претставување на Panamera Executive, Porsche ја „продолжи“ Panamera за цели 150 милиметри!

Да започнеме со новиот мотор – Panamera и Panamera 4 добиваат нов, 3-литарски турбо-бензински V6 кој испорачува 330 коњски сили. Силата ја испорачува само кон задните или кон сите четири тркала преку 8-степен автоматски менувач. Луѓето од Porsche напоменуваат дека иако новиот мотор е помал од стариот, 3.6-литарски V6, нуди 20 коњски сили повеќе и е 13% поефикасен.

Сепак, поинтересна е Panamera Executive изведбата. Овие модели имаат продолжено меѓуоскино растојание – и тоа за цели 150 милиметри, а сето тоа со цел да им понуди повеќе простор на патниците на задната клупа. Покрај зголемениот простор, овие варијанти ќе доаѓаат со греење на задните седишта, голем панорамски покрив, воздушна суспензија и други додатоци.

Panamera Executive ќе може да се добие со новиот 3-литарски турбо V6, но и како Panamera 4 E-Hybrid Executive, 4S Executive и Turbo Executive. Врвните модели (4S Executive и Turbo Executive) добиваат вакумско затворање на вратите и управување на задните тркала. Сите Executive модели можат да се добијат со нова задна централна конзола која има две преклопливи масички. Патниците на задната клупа ќе уживаат и во новиот инфозабавен систем кој користи 10.1-инчни дисплеи интегрирани во наслоните на предните седишта.

А не е дека новата Panamera веќе не е голема, но на некои им е потребен ваков автомобил – кој може да послужи и како подвижна канцеларија!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.