full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Volkswagen Atlas – Голем SUV со 7 седишта наменет за Северна Америка!

Volkswagen го шири своето портфолио на SUV модели – тукушто го претстави Atlas кој е наменет за северноамериканскиот пазар и ќе се нуди со седум седишта!

Со влез во сегментот на семејни SUV модели, Volkswagen сака да ја пополни празнината која ја има во својата моделска понуда во Северна Америка. Новиот Atlas ќе се прави во фабриката на Volkswagen во Chattanooga, во Тенеси. Поставен на MQB платформата, Atlas е долг 5037 милиметри, широк 1979 милиметри и висок 1767 милиметри.

На самиот старт ќе се нуди со два мотори – првиот е 2-литарски турбо-бензинец кој испорачува 238 коњски сили. Вториот, поголем мотор е 3.6-литарски V6 кој испорачува 280 коњски сили, а обата мотори ќе се нудат во комбинација со 8-брзински DSG менувач со двојна спојка. Верзијата со четири цилиндри ќе може да се нарача со погон на предните или на сите четири тркала, а V6 опцијата ќе се нуди само со 4Motion погон.

Според Volkswagen, Atlas нуди комфорно седење за седум возрасни во три реда седишта. Возачот ќе го добие дигиталниот панел за инструменти кој веќе се нуди во други модели на Volkswagen групацијата, ќе може да се добие CarNet системот за комуникација, а во целата приказна влегуваат и Apple CarPlay, Android Auto, MirrorLink и Fender премиум аудио систем со 12 звучници и 480-ватен засилувач.

Volkswagen ги истакнува и безбедносните системи – автоматски Post-Collision Braking систем, адаптивен темпомат, Forward Collision Warning, Blind Spot Monitor, Lane Departure Warning и Autonomous Emergency Braking системи. Продажбата на Atlas ќе започне на пролет следната година во САД. Цените не се објавени, ниту пак е споменато евентуалното доаѓање нa Atlas и во Европа, но сепак не би ја исклучиле таа опција.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Volkswagen го лансираше својот прв електричен SUV - новиот ID.4!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.