full screen background image
Search

Париз 2016: Nissan ја претстави новата, револуционерна Micra!

Nissan инвестираше многу во новата Micra – ја научија лекцијата со тековниот модел, па во новата Micra инвестираа многу ресурси и внимание, за да понудат автомобил кој ќе цели кон врвот во класата!

„Кога првата Micra се појави пред повеќе од 30 години, направи револуција во сегментот и отвори ново поглавје за Nissan. Новата, петта генерација на Micra е исто толку револуционерна, и ќе ги подигне очекувањата за тоа што еден хечбек може и треба да им понуди на купувачите.“ – изјави Carlos Ghosn, претседателот на Nissan Motor Company.

Новата Micra дефинитивно е своевидна револуција – особено ако го земеме во предвид тековниот модел кој не е баш популарен меѓу купувачите. Дизајнот на новиот модел е одличен – тука е уникатната V-Motion маска на ладилникот, интересните светла, и уште многу други детали. Новиот модел изгледа модерно и привлечно, особено за помладите купувачи.

Ентериерот е целосно редизајниран – со поспортски детали, повеќе можности за нагодување и доаѓа со грст нови технологии – централно е поставен голем, 7-инчен дисплеј кој овозможува пристап до навигација, поврзување со мобилен телефон, и уште многу други функционалности. За помладите купувачи особено ќе биде интересен новиот Bose Personal аудио уред со шест звучници и звучници вградени во наслоните за глава на предните седишта.

Новата Micra е меѓу првите (ако не и првиот) автомобили во класата кој ќе нуди следење на лентата на движење, автоматско кочење со систем за препознавање пешаци, систем за препознавање на сообраќајните знаци, автоматско активирање и деактивирање на долгите светла, систем за следење на слепата точка на возилото, итн. Подобрувања се направени во насока на аеродинамиката (коефициентот на отпор е Cd 0.29) како и во звучната изолација, па од Nissan ветуваат дека новата Micra ќе биде комфорна и рафинирана.

На самиот почеток, Micra ќе се нуди со 0.9-литарски турбо-бензинец или 1.5-литарски турбодизел. Обата мотори испорачуваат 90 коњски сили, а понатаму во понудата ќе се најде и атмосферски бензинец со зафатнина од 1 литар кој ќе нуди 73 коњски сили. Продажбата во Европа ќе започне во Март следната година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.