full screen background image
Search

BMW Серија 3 Gran Turismo добива подмладување

По минатогодишното освежување на седан и караван изведбите на Серија 3, Германскиот бренд сега ја подмладува и верзијата Gran Turismo.

Како што може да очекуваме, измените направени на попросторниот Gran Turismo ги имитираат оние на останатите од гамата на Серија 3 со речиси неприметливи измени на екстериерот, подобрени агрегати, нови бои и понова технологија.

Промените на надворешноста содржат нова LED графика на светлосните групи и малку изменети браници кај стандардните изведби. Нови се бојата Estoril Blue која е ексклузивна за M Sport моделите, уште две металик нијанси за остатокот од гамата, три нови дизајни на алуминиумски фелни и дополнителни варијанти за тапацирот и материјали за деталите во ентериерот.

Во кабината, BMW се обиделе да одговорат на критиките упатени на квалитетот со подобрени материјали, вклучувајќи повеќе хром околу контролите, нови декоративни елементи од дрво, нови бои и кожи за да го подигнат квалитетот на повисоко ниво. Тука е и нов LCD дисплеј за клима уредот, како и подобрен интерфејс за системот за информации и забава.

2017-BMW-3-Series-GT-15

Серија 3 GT ќе добие три подобрени турбо-бензински агрегати: 2.0-литарски четири цилиндарски со 181 кс во 320i, 2.0-литарски четири цилиндарски со 246 кс во 330i, како и 3.0-литарски реден шест-цилиндарски агрегат со 322 кс во 335i изведбата. Исто така во понуда ќе бидат и пет дизелски мотори во верзии од 148 до 309 кс, заедно со новиот 2.0-литарски четири-цилиндарски агрегат со 221 кс во 325d изведбата. Сите бензински агрегати и дизелските 320d и 330d можат опционално да бидат усогласени со системот xDrive, додека 335d верзијата сериски доаѓа со погон на сите тркала.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Alpina ја претстави својата верзија на BMW Серија 8 Gran Coupe!

Покрај зголемувањето на силата, BMW изјавува дека намалувањето на потрошувачката на гориво и издувни гасови се движи од 4.5 проценти кај 318d до 13.8 проценти кај 320d. Подобрувања се исто така направени на мануелната и автоматската трансмисија, автоматската старт/стоп функција, регенерацијата на енергија при сопирање и ECO PRO режимот. Само 320i, 318d и 320d стандардно се понудени со шест-степен мануелен со опција за 8-степен автоматски менувач, додека остатокот од гамата доаѓа сериски опремена со автоматски.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.