full screen background image
Search

Претставена караванската изведба на новата Mercedes-Benz E-Class!

Германскиот производител ја претстави караванската изведба на новата E-Class, а сега за сега најмоќниот модел во понудата ќе биде Mercedes-AMG E43 Estate кој ќе нуди 401 коњска сила!

Иако караваните не се многу популарни во Македонија, ние тука во CARclub сме вистински фанови на практичните, комфорни и – едноставно, кул – каравани. Mercedes-Benz тукушто ја претстави караванската изведба на новата E-Class, а таа го заслужи нашето максимално внимание.

Значи, караван? Во ред, да зборуваме за практичноста..

Да зборуваме за практичноста! Новата E-Class Estate нуди дури 670 литри багажен простор со исправени седишта, односно 1820 литри со спуштени задни седишта. Бројки кои се импресивни, со оглед на позаоблениот дизајн на новата Е-класа, но уште поимпресивни кога ќе забележиме дека нуди стотина литри повеќе од своите директни германски ривали!

Сето тоа доаѓа во комбинација со задна клупа која се дели во однос 40-20-40, а ќе може да се добие и трет, преклоплив ред седишта за моментите кога децата ќе направат вистинска глупост. Дополнително, задните седишта може да се исправат за неколку степени, со што се ослободуваат уште 30 литри багажен простор. Новата E-Class Estate стандардно ќе доаѓа со воздушна суспензија на задната оска, па цело време ќе биде идеално исправена – дури и кога ќе ја натоварите до максималните 745 килограми носивост. Секако, доколку сакате можете да ја нарачате AIR BODY CONTROL воздушната суспензија на Mercedes-Benz, која нуди целосна воздушна суспензија за идеален комфор.

Во ред, ме убедивте дека новата E-Class Estate е практичен автомобил. Со кои мотори можам да ја нарачам?

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Mercedes-Benz го претстави освежениот CLS

На самото лансирање, купувачите во Европа ќе можат да изберат меѓу три турбодизел или четири бензински мотори. Турбодизелите доаѓаат во форма на Е200d кој носи нов 2-литарски турбодизел со 150 коњски сили, E220d со 194 коњски сили и Е350d кој носи 3-литарски V6 турбодизел со 258 коњски сили. Доколку сакате бензинец, тука се Е200 so 184 коњски сили, Е250 со 211 коњски сили, Е400 4Matic кој носи 3.5-литарски V6 со 333 коњски сили, и врвот на тековната понуда – E43 4Matic AMG кој носи 3-литарски твин-турбо V6 кој испорачува 401 коњска сила. Сите модели ќе се нудат со најновата генерација 9G-Tronic автоматски менувач со 9 степени.

Се очекува најпопуларна изведба да биде E220d која носи 2-литарски турбодизел. Овој модел има на располагање 194 коњски сили и 400 Nm вртежен момент, благодарение на кои забрзува „до стотка“ за само 7.7 секунди и постигнува максимални 235 километри на час. Сепак, бенчмарк за перформанси останува AMG верзијата која благодарение на своите 401 коњска сила и 520 Nm вртежен момент постигнува 100 километри на час за само 4.7 секунди и максимални 250 километри на час. Оваа верзија останува најмоќна, сè додека Mercedes-AMG не ја претстави неизбежната Е63 изведба која би требало да има повеќе од 600 коњски сили.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.