full screen background image
Search

Toyota сака да стане најголем хибриден бренд во Европа

Јапонскиот производител сака да стане бренд кој продава највеќе хибриди на стариот континент – и со многуте хибридни модели кои веќе ги нуди е на добар пат!

Во интервју дадено за Autocar, еден од челниците на Toyota Europe – Karl Schlicht – изјави дека продажбата на Toyota во западна Европа е веќе порасната за околу 10%, и дека вкупно се продадени околу 874.000 возила, од кои повеќе од 270.000 се хибридни модели. Тоа значи дека околу 30% од вкупната продажба на Toyota во Европа се хибридни автомобили, а секако, сето тоа се должи на силната понуда на Toyota кај овој тип на возила.

toyota-auris-hybrid

Дополнително, Schlicht е сигурен дека хибридните верзии на Yaris и Auris дополнително ќе ја зајакнат позицијата на Toyota во овие сегменти  – дури 60% од продадените примероци на Auris на стариот континент се хибридни возила, а кај Yaris таа бројка е нешто над 40%. Дополнително, Toyota неодамна го претстави и хибридниот RAV4, кај кој хибридните нарачки веќе достигнуваат околу 40%. Всушност, тој се пожали дека фабриката каде хибридниот RAV4 се произведува не успева да произведе и испорача доволно автомобили.

toyota-rav4-hybrid-back

Хибридизацијата зема сè поголем замав, а јапонскиот производител полека но сигурно ги заменува традиционалните турбодизел варијанти со модерни хибридни изведби. Со оглед на тоа дека во најпопуларните три сегменти тие веќе доминираат со своите хибридни модели, воопшто не нè изненадуваат амбициите на Toyota. Минатата година и ние имавме можност да во возиме хибридниот Auris, и јапонскиот хечбек се покажа како исклучително економичен и комфорен.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.