АВТОбиографија: Беспрекорниот Volkswagen Golf од 1979 на Дарко Кузманов – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

АВТОбиографија: Беспрекорниот Volkswagen Golf од 1979 на Дарко Кузманов

Денес на CARclub стартуваме нешто ново – серијалот АВТОбиографија го започнуваме со Дарко Кузманов и неговиот прекрасен црвен Volkswagen Golf од далечната 1979-та година!

Проектот на Дарко можеме да го опишеме само како прекрасен. Посветеното внимание и вложените пот, солзи и љубов вродија со навистина исклучителен автомобил кој секој би сакал да го поседува.. Сепак, сосем заслужено, сопственикот на овој Golf MK1 од далечната 1979-та година е Дарко, а ние направивме малку муабет со него..

Проблематично детиште, перфекционист и ентузијаст, дизајнер по вокација, автомеханичар по убедување

Здраво Дарко! Ја имаш честа да бидеш првиот учесник во нашиот нов дел кој го нарекуваме АВТОбиографија. Кажи ни нешто повеќе за тебе..

Здраво, најнапред благодарам за честа и ме радува што токму јас сум првиот од вашиот серијал. :) Хм, за мене… Проблематично детиште, перфекционист и ентузијаст… Графички дизајнер по вокација, автомеханичар според последните истражувања и непоправлив сонувач.

Се решив за Golf поради некаква сентиментална вредност..

avtobiografija-vw-golf-people

Зошто Golf? И зошто токму овој Golf?

Зошто Голф? Голф беше во потесна листа заедно со Fiat 500 Abarth, Simca 1500 и BMW Е21. Тоа се колите кои ми оставиле најголема трага уште од детството. Освен Е21 сите останати некогаш биле дел од моето семејство и со посебни приказни во своето време.. Голфот некако се издвојувал иако никогаш не сум го сакал премногу. Со издишани гуми, избледена боја, но карактеристичен мирис кој го има и ден денеска после 36 години. Оставен на забот на времето, пропаднат и тажен, бев на одлука дали да се однесе во отпад или да се реставрира.

Се решив за второто поради некаква сентиментална вредност, но и прекрасните примероци кои ги среќавав на интернет.

avtobiografija-vw-golf-rear

Непроспиени ноќи, многу труд, огромна поддршка и другарски сеир!

Кажи ни нешто повеќе за процесот на реставрирање и модифицирање на твојот Golf. Со какви проблеми се соочуваше, од каде добиваше најмногу помош и поддршка?

Од кај да почнам.. Ај вака: Пред да почнам да го растурам, немав спиено неколку денови, го наполнив компјутерот со сите можни голфови кои ги сретнав на интернет, почнувајќи од стандард, класични, тркачки, изложбени примероци, полураспаднати (мислам на rat style), со најразлична опрема и мотори, ги прошетав сите форуми за МК1, се запознав со сите проблеми и решив дека голфот ќе биде ОЕМ+ односно фабрички, со ситни модификации, без промени на каросеријата и минимални зафати на ентериерот.

Потоа следеше детална инспекција што поседувам и што можам да направам од него. Видов дека е многу скапан, дека можеби се исплати да се купи друг и да го направам она кое го имав замислено, но тогаш веројатно немаше да ми биде толку многу драг како што е овој. Решив дека ќе одам со промена на скапаните делови за да ја зачувам вредноста (за мене) за ова возило. После расклопувањето, падна и првата нарачка на лимаријата од Данска. Додека бев на службено патување, деловите веќе пристигнаа во Скопје и едвај чекав да се вратам дома! :) Оттогаш тргна возот, секојдневно пристигнуваа делови, Ebay, Volkswagen classic parts и уште неколку интернет страници беа мое секојдневие.

Поврзано:   Протекоа фотографии од освежениот Volkswagen Golf

avtobiografija-vw-golf-sidelow

Откако се заменија сите делови, следеше соголување на целата боја до гол метал и нанесување на заштита против корозија. Целиот процес на каросериските поправки и фарбањето траеше година и 3 месеци. Подлогата за фарбање и бојата се од производителот MaxMeyer. Се одлучив за црвената боја на Ferrari бидејќи е многу чудна, менува нијанси во зависност од времето и најубаво изгледа пред зајдисонце, мојот омилен период од денот. За тоа време јас веќе ги набавив сите потребни делови, претежно нови и оригинални, а мал дел од локалните отпади кои за нас се истото она што се шопинг центрите за девојките! :)

Следеше склопувањето на возилото… Најголема поддршка во целиот процес на склопувањето ја добив од Никола, доктор и problem solver кога станува збор за ваков тип на возила. Со него се запознав сосема случајно кога барав еден дел, па после средбата со него останавме другари и во секојдневна комуникација. Слободно можам да кажам дека он е највеќе заслужен за функционирањето на колата и без да мислам би му ги оставил клучевите. Потоа тука беа Владо, Спире, Ваци, Тантур, Фичо и уште неколку другари кои иако неискусни како мене несебично ми помогнаа кога имаше потреба од аргатска работa. :) Морам да ги спомнам и Боби и Кејт – они си знаат зошто! ;) . Од ден во ден, колата го добиваше својот лик, но најсреќен бев кога го запаливме моторот. Морам да кажам, дека најголем проблем во целиот процес беше немањето гориво кога се обидувавме да го запалиме, за што ден денес си трпам мајтап од сите што ме знаат (рикам од смеење).

ОЕМ+ – Фабричкото, подобрено!

Какви модификации има претрпено твоето возило?

Поврзано:   СУПЕР-ТЕСТ: Volkswagen Golf GTE 245 DSG - 100 километри за 80 денари?

avtobiografija-vw-golf-enterier

Ќе почнам од ентериерот. Инструментите, шалтерот и централната конзола се превземени од Голф 1 ГТИ, седиштата се превземени од Голф 3 ГТИ Едишн, и спортските појаси се од тркачки автомобил со ФИА сертификат. Воланот е Иконата на ГТИ, познатиот spucknapf, без кој не се може.

avtobiografija-vw-golf-enginebay

Подвозјето е целосно полиуретанско, со баланс штангли кои исто така се превземени од Голф 1 ГТИ. Предните кочници се со пречник од 239мм и клешти од Ауди ГТ, а задните барабани ги заменив со дискови и клешти од Голф 3 ГТИ. Моторот е 1.8Л со 112 коњски сили, со 5 степен менувач, но никогаш не е измерено дали некој коњ останал во шталите во Волфсбург! :)

Оригиналните тркала се заменети со 15” BBS RM алумински фелни, кои дополнително се модифицирани, па наместо 6,5 цола сега се 7 и потпрени на 195/45/15 Toyo Proxes T1R гуми.

Сега, каде?

Кои се плановите за во иднина?

avtobiografija-vw-golf-rear2

Прво морам да ги наместам уцврстувањата на предницата кои сеуште не ми се изработени, но се многу важни за стабилноста и зајакнувањето на каросеријата. Вториот план е да ги пресвлечам седиштата во нов штоф, и да го заменам теписонот со оригиналниот ГТИ црн теписон. Во некоја блиска иднина, голфот треба да добие мали екстериерни измени, но не би сакал да откривам премногу детаљи… Ги поканувам сите да ја проследат мојата тема на forum.carclub.mk и да ги следат сите модификации. Потајно посакувам Berg Cup Racer, но тоа сигурно нема да се случи со ова возило, можеби следниот проект ќе биде токму тој модел на Голф.

Какво е чувството да се биде дел од една заедница на вљубеници во Volkswagen кои целат кон најдоброто со своите автомобили?

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Volkswagen го претстави и караванот ID.7 Tourer

avtobiografija-vw-golf-fronttop

Чувството да разговараш за поправки, проблеми, да разменуваш делови, да помагаш, да не бидеш себичен, е како ајвар во септември, неописливо! За жал, во Македонија Volkswagen заедницата не е на некое завидно ниво, прво поради немањето финансии да за организираат пристојни собири и настани, па потоа од немањето којзнае каква култура за вложување во автомобилите. Во тек е формирањето на официјалниот Volkswagen клуб, па се надевам дека во иднина ќе имаме многу многу „Кецови“ и ќе има добри дружби. Кај нас автомобилите служат само за превоз, сеуште…

Ти благодариме! Поздрав, синко!

Поздрав и до вас деца драги. :)

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.