ФОТО и ВИДЕО: BMW Generation X Roadshow во Македонија! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ФОТО и ВИДЕО: BMW Generation X Roadshow во Македонија!

Во рамките на BMW Generation X роуд-шоуто кое се случува деновиве во Македонија, имавме можност подобро да го запознаеме X-моделите на баварскиот производител.

Баварскиот производител ги сфаќа своите X-модели сериозно, и токму заради тоа организира редовни презентации за оваа гама, каде автомобилските новинари, но и постоечките и потенцијалните купувачи имаат можност вистински да ги запознаат можностите кои ги нудат овие возила.

BMW xDrive е погон кој нуди одличен трансфер на моќноста кон тркалата во реалнов време, истовремено подобрувајќи ја агилноста и безбедноста на возилото. Дистрибуцијата на моќноста меѓу предните и задните тркала во сооднос од 40:60 се прилагодува кога движењето на возилото или условите на патот ќе се променат. Системот автоматски го дистрибуира вртежниот момент онаму каде е најпотребен, па патниците секогаш патуваат во идеални услови – без разлика дали е тоа на асфалт, или пак надвор од него.

Овие придобивки од xDrive се и главната причина за светскиот успех на Х моделите на BMW. Дополнително, нивниот проактивен систем, нивната потрошувачка, разновидност и просторност ги прави идеални за македонскиот пазар.

bmw-x6m

Нашето возење започна зад воланот на новиот X6M. Големиот мамут закој е заврзана ракета нуди 575 коњски сили и 750 Nm вртежен момент благодарение на 4.4-литарскиот твин-турбо V8. Забрзувањето до 100 километри трае само 4.2 секунди – и верувајте, лесно е да се почувствува тоа. Перформансите се импресивни а звукот моќен – и иако не сме фанови на големи SUV автомобили, мораме да признаеме дека X6M изнуди огромни насмевки на нашите лица. Имавме можност да го возиме низ град и на автопат, и тој едноставно доминира со својата големина и моќ.

Поврзано:   Flow Nostokana е најновата арт инсталација на BMW и Esther Mahlangu

bmw-xdrive-roadshow2

Веднаш после тоа се префрливме во X4M – помалиот брат на огромниот X6M. X4M е забележително покомпактен, и иако има помалку моќност на располагање, лесно се соочува со свиоците но и брзинските тестови. Кога дојде ред да го напуштиме асфалтот и да се увериме самите во можностите на овој автомобил, останавме изненадени и импресионирани од теренските можности на xDrive моделите на BMW.

bmw-xdrive-roadshow1

Возејќи кон Галичник и тамошните бачила, од прво лице имавме можност самите да ги препознаеме теренските способности на моделите кои ни беа на располагање. Ниту карпестиот терен, ниту мократа трева и калливите патишта не беа особен предизвик за нашите баварски пријатели – едноставно, верувајте во нивните способности и ќе стигнете онаму каде сте намериле!

bmw-xdrive-roadshow3

Изненадувачки, и покрај летните гуми со релативно низок профил, сите автомобили – дури и спортски-настроениот X6M – немаа проблем да ги совладаат ниту каменестите патишта, ниту пак длабоката и мека кал на која наидовме. Импресивно, со оглед на тоа дека обично се препорачуваат теренски гуми со соодветен профил за совладување на вакви предизвици.

bmw-xdrive-roadshow5

На самиот крај, нè пречека видик од кој застанува здивот – во далечината се гледаше мавровското езеро, а ние бевме среќни знаејќи дека и на враќањето назад кон цивилизацијата ќе се возиме во максимален комфор и нема да се сомневаме ниту за миг во можностите на X-возилата на BMW. Всушност – фотографиите и видеото зборуваат многу повеќе – погледнете и уживајте!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.