Audi го претстави освежувањето за A3 и S3 – добиваме повеќе сила и нови технологии – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Audi го претстави освежувањето за A3 и S3 – добиваме повеќе сила и нови технологии

Германскиот бренд го обновува компактниот модел со редизајн на предниот и задниот дел, помодерна технологија и повеќе сила.

Најголемата промена на екстериерот се наоѓа на предниот дел, каде светлосните групи добија понова, повеќеаголна форма, а тука е и редизајнираниот преден браник со изменета решетка и отвори за воздух. На задниот дел се забележува дискретно редизајниран браник и задни светла со изменета графика. Сè на сè, дизајнерски новиот А3 е доближен до актуелната генерација на A4, а додаден е и избор од пет нови бои на каросеријата.

Static photo, Colour: Daytona Grey

Што се однесува до новата технологија, обновениот A3 сега доаѓа сериски опремен со Xenon предни светла, додека во понуда ќе бидат и нормални LED светла, а како опција ќе се нудат нови Matrix LED светла. На купувачите ќе им биде понуден и одличниот Virtual Cockpit кој претставува дигитална инструмент табла со многу опции, кристална резолуција и големина од 12.3 инчи. Од средната конзола сеуште електрично излегува 7-инчен екран за мултимедија.

Во понуда ќе биде функцијата Traffic Jam Assist, која управува со радарите од темпоматот и Stop&Go системот со цел автоматски да одржува безбедно растојание од возилото пред него, а моделите опремени со S-Tronic трансмисија ќе можат дури да застанат и повторно да стартуваат без учество на корисникот. Апсолутен новитет во сегментот е способноста на системот да во управува воланот до брзини до 65 км/ч. Сепак, истиот функционира само на добро асфалтирани патишта и сеуште има потреба од возачот да внимава на сообраќајот.

Уште една технолошка особина позајмена од повисоките класи е системот Emergency Assist, кој е способен да го сопре возилото доколку не забележи преземена мерка на претпазливост од возачот во случај на неизбежен судир.

Cockpit

Cockpit

Палетата на бензински мотори сега вклучува и 1.0-литарски три-цилиндарски турбо со 115 кс на почетокот, а завршува со нов 2.0-литарски четири-цилиндарски турбо со 190 кс на крајот од понудата. Тука е и нов 1.6-литарски турбодизел со 110 кс како најштелдив избор. Во гамата е вклучен и A3 e-tron, како и спортскиот S3, кој добива 10 кс повеќе за вкупна сила од 310 кс.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Рафиниран и луксузен - ова е новиот Audi A6

Audi успеале и малку да ја намалат тежината на компактот, но Германскиот производител не ја прецизираше просечната заштеда на тежина во гамата. Сепак, знаеме дека основниот А3 со 1.0-литарски TFSI агрегат тежи само 1,150 килограми, што го прави најлесен модел во класата.

Освежениот A3 ќе започне со продажба во претставништвата на Audi од наредниот месец, а првите купувачи ќе ги добијат своите автомобили ова лето.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.