full screen background image
Search

Иџе оди во Германија подготвен да го оправда фаворитскиот статус!

Нема одмор за македонската спортска гордост, Игор Стефановски – Иџе!

По минатонеделната тешка и драматична победа во Словачка, овој викенд, европскиот шампион и неговото Mitsubishi Lancer Evo IX го чекаат нови возбудувања и искушенија на деветтата трка од Европскиот шампионат на ридски патеки која се вози во Гласбах, Германија.

По трката во Словачка, Иџе имаше работна посета во Братислава кај неговиот голем пријател, поранешниот европски првак, Петер Јурена чие стручно око го провери тркачкото возило пред продолжување на патот кон Германија. За разлика од претходните две трки, во Италија и Словачка на кои Иџе имаше тешка борба со домашните ѕвезди од неговата група Н, во Германија ќе може малку да здивне затоа што според стартната листа тој е фаворит за првото место во својата група.

Вкупно во групата Н има пријавено 8 возачи од кои некаква закана се Чесите Лос и Јерман и најдобриот домашен возач, европскиот шампион од 2010 година, Роланд Ванек. Сепак, минатата година на истата трка Иџе ги декласираше сите споменати рушејќи го рекордот на патеката во неговата група.

– Навреме пристигнавме во Германија, имавме доволно време и малку да се релаксираме, а и добро да се подготвиме за викендот кој ни претстои. Точно е дека во оваа конкуренција сум фаворит за победа во групата Н, но тој фаворитски статус треба да се одработи и докаже на патеката. Оваа патека ми е во одлично сеќавање од лани, имав многу добар викенд, одлично “ми легна од прва“, па се надевам на повторување на успехот и оваа година – ни изјави Иџе од Германија.

Сепак, во генералниот пласман, Иџе за верна сенка го има најдобриот возач во групата А, Чехот Јаромир Мали кој заостанува 19 бода, но врз чиј пласман нашиот ас не може да има влијание бидејќи се натпреваруваат во различни класи. И тој како и нашиот Иџе е фаворит за победа во својата група.

Трката „Гласбахренен“ важи за најмодерната патека во Германија од аспект на технологија за следење на трката и безбедносни стандарди и една од најдобро организираните ридски трки во Европа. Патеката е долга е 5.500 метри, има 35 свиоци и капацитет за 30.000 гледачи.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.