Goodwood Festival of Speed е еден од оние настани кои се вистински магнет за љубителите на автомобилите, и секоја година фестивалот му оддава почит на еден производител – оваа година тоа е Mazda!
Оваа година Goodwood Festival of Speed ја слави тркачката историја на Mazda преку 40-метарски споменик кој на уникатен и несекојдневен начин прикажува два автомобили на производителот. Архитект е Gerry Judah, а споменикот е изработен од 418 челични столбови кои се наменестени на такви агли за целиот споменик да „се врти“ во своевидна спирала и наликува на нишка ДНА.
Автомобилите се легендарниот 787B и новиот L55 Vision Gran Turismo – и се наменети да ги претставуваат минатото и иднината на брендот. Според архитектот, скулптурата е инспирирана од Kodo дизајнерскиот јазик на брендот и „невозможниот предизвик бил да се најде начин да се заврти целата структура, но успеале благодарение на елегантниот систем кој истовремено ги истакнува елеганцијата и грациозноста на самите автомобили.“