full screen background image
Search

ЕП на Ридски Патеки: Иџе оди по одмазда во Чешка!

Македонскиот ас Игор Стефановски ќе се обиде да ги избрише лошите сеќавања од оваа патека од лани и да го продолжи низот на победи на домашниот терен на најголемите конкуренти.

По тринеделна пауза продолжува европската авантура на најдобриот македонски спортски амбасадор, Игор Стефановски Иџе кој со своето Mitsubishi Lancer EVO IX викендов го очекува петтата трка од Европскиот шампионат на ридски патеки која ќе се вози на патеката Еце Хомо во Штернберк, Чешка. Досега, Иџе успешно ја брани минатогодишната шампионска титула во ова првенство со четири победи во исто толку трки сезонава за 100-процентен резултат.

Патеката Еце Хомо не му е во добро сеќавање на Иџе. Лани таму со тешки маки стигна до второто место во својата група Н откако во текот на саботата и неделата имаше дури три судари со заштитната ограда, а по трката возилото личеше како да учествувало на “demolition derby”.

„Чудна и зла патека е Еце Хомо . Не беа само сударите лани, туку од тие оштетувања почнаа компликациите во продолжението на сезоната и многу драматични моменти кога бевме блиску до откажување од сезоната. Минатата, дебитантска година го плативме данокот на неискуството и направивме лош избор на гуми за таа трка. Овојпат, направивме анализа со спонзорот Мотоцентар кој е наш официјален добавувач на пневматици околу тоа која компонента најмногу би одговарала на таа патека и се надевам дека овојпат го имаме вистинскиот избор“ – вели Иџе.

Инаку, во текот на оваа недела, тимот на Иџе најпрвин престојуваше во Полска, во специјализираниот сервис “4 Турбо“ каде што беше извршен преглед на возилото и беше заменета турбината која на претходните трки функционираше со 75% од можностите.

“За жал, и сега возилото не е целосно подготвено и до максималната сила му недостасуваат 20 „коња“. Пред сервисот во Катовице бев во Прага каде ми беше поправен предниот амортизер“ – ни јави Стефановски.

Во Чешка Иџе го чека судир со неговите најголеми конкуренти на нивен, домашен терен. Тоа го прави целиот предизвик уште поголем.

„Факт е дека домашните возачи, Лос, Јерман, останатите ќе имаат дополнителна мотивација да се докажат против мене пред нивната домашна публика, но ние не го менуваме нашиот план. Останува како и досега – одиме на победа и евентуално напад на рекордот на патеката во мојата група. Мислам дека ако не беа минатогодишните проблеми немаше да загубам од Лос“ – додаде Иџе.

За трката вкупно се пријавени 117 натпреварувачи. Се работи за многу брза патека со просек од 125 км. на час. Долга е 7.800 метри, а асфалтот е лизгав и мазен што при повисоки температури значително ги троши гумите.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.