full screen background image
Search

ТЕСТ: Toyota RAV4 2.2 D-4D Executive – Евергрин

Новата, четврта генерација на Rav4 следи некои правила од генетиката на Rav4, но многу повеќе од нив ги крши. Каков впечаток ни остави новиот Rav4?

Кога за прв пат се појави во 1994-тата година, првата генерација на Rav4 направи вистински шок меѓу купувачите. Toyota понуди нешто несекојдневно и тотално неочекувано – понуди урбан теренец кој беше забавен и привлечен и кој наговестуваше авантуристички дух и карактер кој го издвојуваше од тогашната, помалку здодевна конкуренција. Всушност, се сеќавам на малиот Rav4 со три врати и кратко меѓуоскино растојание кој мојот прв сосед го имаше – додека го возам тековниот модел, не можам а да не се потсетам на тогашниот автомобил кој ми остави толку голем впечаток.

toyota-rav4-carclub-rear

Новиот Rav4 е нешто сосема ново за Toyota. Секако, вредностите на Toyota се тука – квалитетот, робустноста и издржливоста – но новата генерација е значително поголем и попросторен автомобил. Rav4 сега има 100 милиметри подолго меѓуоскино растојание и е цели 250 милиметри подолг во однос на својот претходник – а тоа значи значително повеќе простор и комфор.

toyota-rav4-carclub-front

Сепак, да следиме некаков редослед – да зборуваме за дизајнот. Веќе ги нема оние флуидните, чисти (и безбедни) линии кои беа своевиден заштитен знак на Rav4. Дизајнот сега е значително пофутуристички, со остри линии и неправилни агли. Би отишле до таму да го наречеме дизајнот контраверзен. Rav4 го следи дизајнот кој Toyota го наметна со новите Corolla и Auris, но истовремено направи некои измени кои дополнително го зголемуваат визуелниот ефект на автомобилот. На предната страна доминираат големите светлосни групи, а на задната страна неизбежни се несекојдневните задни светла кои се истакнати и се издвојуваат од одстатокот од каросеријата.

Не секому ќе се допадне дизајнот на Rav4, но со сигурност мораме да признаеме дека се издвојува од конкуренцијата и во најмала рака изгледа несекојдневно. Еден детал кој ни недостига е резервното тркало кое досега беше поставено на задната врата – сега се наоѓа во багажниот простор, а и задната врата веќе не се отвара странично (што беше традиција кај Rav4), туку нагоре.

Поврзано:   ТЕСТ: Toyota RAV 4 2.0 Dynamic AWD – Логичен или нелогичен избор?

toyota-rav4-carclub-interior1

Ако екстериерот е несекојдневен и екстровертен, тогаш ентериерот можеме да го окарактеризираме како безбеден и проверен. Секако, и ентериерот ја напушта традиционалната нишка на Toyota и прави нешто различно – особено со некои од неправилните форми и несекојдневните дизајнерски одлуки – но воглавно ентериерот е токму онаков каков што и очекуваме од Toyotа – рационален, со интелигентно распоредени команди и прекинувачи и лесен за навикнување. Седиштата се навистина комфорни, а во внатрешноста има повеќе од доволно простор – всушност, Rav4 е еден од најпросторните автомобили во класата.

Ергономијата е сосем солидна и благодарение на можностите за нагодување на седиштето и управувачот лесно се наоѓа комфорна позиција за возење. Одреден период на навикнување побарува мултимедијалниот уред, но се привикнавме на него по само неколку дена. Има и детали кои не ни се допаднаа – како на пример опцијата за автоматско отворање и затворање само за возачкиот прозорец, но би било погрешно да кажеме дека ентериерот не е пријатно место за минување километри.

toyota-rav4-carclub-interior1-rear

На задната клупа има изненадувачки многу простор! Благодарение на продолженото меѓуоскино растојание, на задната клупа има простор како во автомобил кој е класа поголем. Дополнителен детал кој вреди да го истакнеме е можноста за нагодување на наслонот на задната клупа – а тоа го прави патувањето на подолги релации значително покомфорно. На задната клупа може да се сместат тројца патници и на подолги релации – = вистинска реткост во оваа класа. Секако, на сите тие патници ќе им биде потребно и многу багажен простор, а тука Rav4 е вистински победник – благодарение на големата багажна врата пристапот кон багажниот простор е одличен а товарењето било каков товар е лесен процес бидејќи работ е исклучително низок. На располагање ќе имате 547 литри, кои растат на 1746 литри кога ќе ги спуштите задните седишта.

toyota-rav4-carclub-interior1-boot

Додека возевме низ град, бевме импресионирани од маневрабилноста на волку голем автомобил. Луѓето од Toyota истакнуваат дека Rav4 има радиус на вртење од само 10.6 метри – податок кој го прави Rav4 особено лесен за маневрирање во потесни улички. Сепак, големината си го прави своето, но Rav4 не е тежок автомобил за возење. Во град измеривме потрошувачка од околу 8 литри на 100 километри, што е во рамките на очекуваното. Меката суспензија наметнува лежерен и комфорен стил на возење – ниту можеме, ниту смееме да очекуваме спортски карактеристики – ова е робустен теренец!

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Toyota го претстави целосно новиот Yaris!

toyota-rav4-carclub-offroad1

На отворен пат не забележавме поголема бучавост во однос на конкурентите, но мораме да го истакнеме исклучителниот комфор и леснотијата со која Rav4 покорува километри. Решивме да излеземе и надвор од асфалтот, и да се увериме во теренските способности на автомобилот кој ја основаше класата на компактни SUV возила, и не бевме разочарани – иако подлогата беше каллива и влажна, автоматскиот погон на сите четири тркала лесно се справи со предизвиците кои му ги поставивме. Системот може да префрли до 50% од силата кон задните тркала, па добро е да се знае дека можностите за напуштање на асфалтот се тука – ако некогаш затребаат! Управувањето е во рамките на она што се очекува од еден ваков автомобил – ќе забележите дека навалувањето во свиоци е присутно, но тоа е цената која се плаќа за комфорот и теренските способности.

toyota-rav4-carclub-offroad2

2.2-литарскиот турбодизел со кој беше опремен нашиот тестен модел се покажа како одличен партнер. На располагање стојат 150 коњски сили при 3600 вртежи во минута и одлични 340 Nm вртежен момент кои се достапни од 2000 вртежи во минута. Реакцијата на педалата за гас е сосема добра, но се забележува одредена турбо-дупка која е карактеристична за скоро сите мотори со турбополнење. Според официјалните податоци забрзувањето до 100 километри на час трае 9.6 секунди, а максималната брзина е сосема задоволителни 190 километри на час. Моторот работи прилично рафинирано и моќно повлекува од ниски вртежи. Перформансите не се запрепастувачки, но се повеќе од адекватни за автомобил од оваа класа.

euroncap

Конечно, да зборуваме малку за безбедноста и опременоста. Rav4 доаѓа со едно чудо електронски безбедносни системи, како и грст воздушни перници – благодарение на кои освои максимални пет ѕвездички на EuroNCAP тестирањата за безбедност – па можете да бидете мирни и да знаете дека вие вашето семејство се возите во исклучително безбеден автомобил. А покрај безбедноста, ќе добиете и многу опрема – двозонски клима уред, електрични прозорци, нагодлива задна клупа, мрежа за оставање предмети во багажниот простор, 17-инчни фелни, автоматски предни бришачи, автоматски светла, темпомат, менувач и управувач обложени со кожа, меки материјали на конзолата, 6.1-инчен мултимедијален уред со Bluetooth, (особено практична) задна камера, USB влез, и уште многу други ситници.

Поврзано:   Новиот Yaris ќе добие и сосем нова платформа

toyota-rav4-carclub-offroad3

Традицијата наложува дека Rav4 ќе биде квалитетен и компетентен автомобил – сепак, ова е важен модел на Toyota и јапонците не смеат да ризикуваат и да ја менуваат победничката формула. Да, некои делови од таа формула се изменети – Rav4 сега е поголем и покомфорен автомобил – меѓутоа оние вистинските детали се тука – практичноста, маневрабилноста и теренските способности се вистинските вредности на Rav4, и со задоволство можеме да кажеме дека сè уште се тука . Можеби дизајнот нема да биде по сечиј вкус, а можеби и ентериерот на некои ќе им биде здодевен – но да бидеме искрени – ова е автомобил кој на многумина ќе им задоволи многу различни потреби!

  • 2.2-литарски турбодизел
  • Моќност: 150 коњски сили / 3600 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 340 Nm / 2000 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 190 км/час
  • Забрзување 0-100: 9,6 секунди
  • Должина: 4570 mm
  • Ширина: 1845 mm
  • Висина: 1660 mm
  • Тежина: 1680 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2660 mm
  • Багажен простор: 547 – 1746 литри
  • Потрошувачка: 8.1 литра на 100 километри (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Toyota Rav4 2.2 D-4D Executive – 34.590 Евра
    Повеќе информации: Toyota.com.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.