Иџе со својот хет-трик остана крал на Шпанија! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Иџе со својот хет-трик остана крал на Шпанија!

Игор Стефановски успеа да го собори сопствениот рекорд на патеката од минатата сезона за возилата од група Н што му овозможи да стигне до третата победа во исто толку трки од Европскиот шампионат.

Најдобриот македонски автомобилист Игор Стефановски – Иџе по тешка борба со најголемиот конкурент Јири Лос ја оствари третата победа во исто толку трки од Европскиот шампионат на ридски патеки и тоа повторно со рекорд на патеката за неговата група Н исто како и во претходните два настапи. Тој патеката Субида ал Фито на крајниот северозапад на Шпанија чија должина изнесува 5,3 километри ја мина за 3.04.813, 3.02.017 и 3.04.910 минути, што значеа вкупно време од 6:06.830 (се броеја двете најдобри резултати од трите возења) што беше за подобро за 2,7 секунди од Чехот Лос.

Сепак, денот не започна баш најдобро за Стефановски. Во првото возење со резултат од 3:04,655 Лос беше за 0,158 секунди подобар од нашиот ас. Меѓутоа, Стефановски тотално “се разгоропади“ во второто возење, беше максимално агресивен, и го собори рекордот на патеката за група Н што самиот го постигна минатата година. Во второто возење Лос остана во рамките на 3 минути и 4 секунди и веќе му беше јасно дека во третото возење нема каде да ги најде тие 2,5 секунди колку што му побегна Стефановски.

“Имавме напорен викенд, малку потешко од очекувањата стигнавме до третата победа. Знаев дека во второто возење морам да дадам се од себе. Сеуште не сум ја гледал он-борд снимката од камерата во возилото, но веројатно и самиот ќе се изненадам. Буквално летав по патеката, но кога го видов постигнатото време знаев дека сум имал фантастично второ возење“ – изјави Стефановски.

Во однос на проблемите на возилото кои беа детектирани пред претходната трка во Австрија, тие се половично решени.

“Диференцијалите ги решивме и тие сега функционираа како што треба, но не и турбото. Тоа функционира со некои 75% од капацитетот. За жал, бидејќи директно продолжуваме за Португалија каде што следниот викенд ја возиме четвртата трка нема да имаме време за било какви корекции на возилото, така што, остануваме со овие сили и ресурси“ – додаде актуелниот Европски првак на ридски патеки.

Инаку, како што веќе пишувавме на почетокот на сезоната, чешките возачи од групата на Иџе за оваа година користат нов тип на гуми од Пирели со специјална компонента за ваков тип на трки со што видливо ги имаат подобрено своите времиња од минатата сезона на истите патеки. Тимот на Иџе веќе преговараше со спонзорот за пневматици “Мотоцентар“ околу набавка на овој нов тип на гуми и компонента, па се очекува веќе на следните трки нашиот ас да ги добие истите.

Како што и самиот Стефановски напомна, четвртата трка на календарот е веќе следниот викенд на патеката Рампа де Фалпера во Брага, Португалија. Со тоа тимот на Стефановски директно продолжува на следниот настан.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.