full screen background image
Search

Иџе без турбополнач ќе брка триумф и рекорд во Австрија!

Најдобриот македонски автомобилист со неисправен турбополнач ќе се фати во костец со силната конкуренцијана трката во Рехберг!

Најдобриот македонски автомобилист и европски шампион, Игор Стефановски – Иџе викендов во австриски Рехберг ќе се обиде да докаже дека нема намера да се откаже од пехарот во Европското првенство во ридски патеки во групата N. По триумфот во француското гратче Сент Жан ду Гард со нов рекорд на патеката, најдобриот македонски спортист за 2014 година сака да постави најдобро време и на патеката, на која ќе вози по трет пат во кариерата, но се јави голем проблем откако на редовниот сервис во Полска е утврдено дека не му работи турбото. Од сервисот го информираа македонскиот ас дека не му работат како што треба и диференцијалите и изразија чудење како успеал во Франција со вакво возило да постави рекорд на патеката.

„Рехберг ми е позната патека и за неа ме врзуваат убави спомени. Лани победив, но оваа година ме чека посериозна трка бидејќи возилото не е подготвено за овој настап. Пред трката бев на сервис во Полска и оттаму ми кажаа дека турбото не е во функција, а тоа значи дека нема да можам да ја искористам машината до максимум. Сепак, ќе одиме на што подобар пласман, па ќе видиме што ќе биде. Мора да се биде оптимист затоа што јас ја бранам титулата и на секоја трка мора да одам на прво место!“ – изјави Стефановски.

idze-avstrija2

Во Австрија конкуренцијата ќе биде многу пожестока. Во групата N, покрај Стефановски, се пријавени дури 15 возачи од Чешка, Австрија, Италија и Хрватска. Најголема конкуренција Стефановски ќе има во домашните возачи кои сигурно ќе сакаат да ја одбранат домашната чест пред европскиот шампион, а и имаат најдобро познавање на домашен терен. Се очекува сончево време и идеални услови за трка, а секако и за нови рекорди.

Патеката во Рехберг е уште еден редовен домаќин на европските трки. Првата трка воопшто се возела во 1972 година, а за прв пат во европскиот календар е влезена во 1981 година. Патеката е долга 5,050 метри, во првиот дел е доста брза, па на некои делови дури има и шикани за успорување на автомобилите. Потоа следи средишниот дел со комплекс на остри и бавни свиоци, а последната третина ја карактеризира голем успон со долги, благи и брзи свиоци. На програмата се две трки, а се смета вкупното време од двете возења. Пријавени се 185 возила, од кои 82 за Европскиот шампионат.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.