full screen background image
Search

Најава за следниот CC – Volkswagen Sport Coupe GTE Concept

По новиот Passat, Volkswagen наскоро ќе ја претстави и новата генерација на моделот CC, кој овој пат ќе биде поголем и ќе оди скалило погоре во хиерархијата.

Како што можете да погодите од името, Sport Coupe GTE Concept е хибриден спортски купе-седан со четири врати. Задолжен за моторизацијата е хибриден погон со 3-литарски V6 бензинец кој испорачува 295 коњски сили кој соработува со два електромотори за вкупна системска моќност од 380 коњски сили, спринт до 100 километри на час за 5 секунди и максимална брзина од 250 километри на час.

Концептот може да помине до 50 километри на струја и има вкупна автономија од околу 1000 километри и троши само 2 литри гориво на 100 изминати километри. Автомобилот е долг 4869 милиметри, широк е 1864 милиметри и висок е 1407 милиметри, а има меѓуоскино растојание од дури 3020 милиметри – па благодарение на тоа има многу простор во внатрешноста.

Интересен е и дизајнот (иако предниот дел изгледа преагресивно) кој асоцира на големиот А7 на Audi, и токму тоа е целта на Volkswagen – да понуди автомобил кој ќе се најде помеѓу Passat и Phaeton во хиерархијата на брендот. Од она што успеавме ние да го дознаеме, концептот е блиску до серискиот модел, но предницата сепак ќе претрпи одредени измени со цел да биде малку посуптилна и поблиску до дизајнерскиот јазик на Volkswagen.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.