full screen background image
Search

Volkswagen го претстави Golf Alltrack

Кросовер-изведбата на Volkswagen Golf доаѓа со 4Motion погон на сите четири тркала, 20 милиметри повисока суспензија и робустен надворешен пакет за полесно да се справи со теренско возење.

Golf Alltrack е најновиот додаток во Golf фамилијата на Volkswagen и ќе се нуди со еден бензинец или три дизел-мотори, сите со турбополнење и директно вбризгување. Новиот 1.8-литарски TSI со 180 коњски сили го има своето деби во Golf фамилијата токму во Alltrack, а TDI верзиите се 1.6 TDI со 110 коњски сили, како и двете варијанти на 2.0 TDI со 150, односно 184 коњски сили. Бензинецот и најмоќниот дизел се опремени со шест-степен DSG менувач, додека другите ќе се нудат со шест-степен мануелен менувач.

Најбрзата изведба е токму онаа со најмоќниот дизел мотор – забрзувањето до 100 километри на час трае 7.8 секунди а максималната брзина е 219 километри на час. Интересно – идентична потрошувачка најавуваат 1.6 TDI и 2.0 TDI со 150 коњски сили – односно 4.9 литри на 100 километри.

Според VW, Golf Alltrack има карактеристики на SUV возило, благодарение на зголеменото растојание од подлогата и 4Motion системот со погон на сите четири тркала. Системот генерално е наклонет кон пренесување на силата на предните тркала, но може да пренесе до 100% од вртежниот момент кон задната оска. Дополнително, EDS системот кој ги контролира сите четири тркала може да ја игра улогата на заклучувачки диференцијал на двете оски. Обете оски добиваат и XDS кој го унапредува управувањето со прикочување на внатрешните тркала во свиоци при брзо возење.

Поврзано:   Моделот Project Trinity ќе стане новиот знаменосец на Volkswagen

Автомобилот има и Offroad профил за возење кој нуди функција за симнување по стрмни надолнини, изменета работа на педалата за гас, како и теренска конфигурација на ABS системот. Golf Alltrack може да влече приколици со тежина до 2000 килограми.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.