full screen background image
Search

Премиера: Audi ги претстави TT и TTS Roadster!

Само неколку дена пред официјалното деби на саемот на автомобили во Париз, Audi ги објави првите фотографии и детали за TT и TTS Roadster.

Купувачите кои ќе се одлучат да го купат кабриолетот наместо купето ќе ги изгубат задните седишта, но ќе добијат платнен кров кој се отвара или затвора за 10 секунди при брзини до 50 километри на час. Повеќеслојниот кров може да се добие во неколку различни бои, а неговата рамка е направена од магнезиум, алуминиум, пластични и челични компоненти. Audi тврди дека новиот кров е 3 килограми полесен од оној кај претходникот, и сега тежи 39 килограми. Багажниот простор останува ист како и кај купе верзијата – 280 литри – но цели 50 литри повеќе од она што се нудеше кај претходната генерација.

Audi TT Roadster ќе биде лансиран со три мотори – сите се со турбо-полнач и со четири цилиндри, а ќе се нудат два бензински и еден дизел мотор. Дизелскиот е во форма на 2.0 TDI Ultra Diesel и нуди 184 коњски сили и 380 Nm вртежен момент, доволни за просечна потрошувачка од 4.3 литри на 100 километри. „Основниот“ бензинец е 2-литарскиот TFSI кој нуди 230 коњски сили и 370 Nm, додека на врвот на понудата (сега за сега) е TTS со 2-литарски TFSI кој нуди 310 коњски сили и 380 Nm вртежен момент. Со овој мотор, TTS Roadster забрзува до 100 километри на час за 4.9 секунди и има електронски ограничена максимална брзина од 250 километри на час.

Купувачите ќе можат да изберат меѓу шест-степен мануелен или шест-степен автоматски S-Tronic менувач со двојна спојка. Доколку се одлучите за 2.0 TDI, тогаш можете да добиете само погон на предните тркала, додека кај основниот бензинец можете да одлучите меѓу погон на предните тркала или Quattro погон на сите тркала. TTS ќе се нуди исклучиво со Quattro погон. Продажбата ќе започне веднаш по саемот на автомобили во Париз, а цената на TT Roadster 2.0 TFSI во Германија ќе започнува од 37.900 евра.

Поврзано:   ABT RS4-S е уште поагресивна изведба на Audi RS 4 Avant


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.