Премиера: Mercedes-AMG C63 и C63 S – луксузен спортист со 510 коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Премиера: Mercedes-AMG C63 и C63 S – луксузен спортист со 510 коњски сили!

Mercedes-Benz го претстави новиот Mercedes- AMG C 63 кој ќе се нуди во две каросериски изведби и со две нивоа на моќност – ќе може да изберете меѓу седан и караван, и 476 или 510 коњски сили!

За почеток, мора да споменеме дека е изменета и номенклатурата со која Mercedes-Benz ќе ги именува своите AMG модели. Веќе моделот нема да се вика Mercedes-Benz C63 AMG, туку Mercedes-AMG C 63 или C 63s, доколку ја изберете помоќната верзија.

Обете верзии под поклопецот го носат истиот 4-литарски би-турбо V8 од AMG GT, но во зависност од верзијата ќе имате на располоагање 476 коњски сили и 650 Nm вртежен момент, или пак 510 коњски сили и 700 Nm вртежен момент. На автомобилот му се потребни 4.1, односно 4.0 секунди до 100 километри на час, а на караванската верзија и требаат 0.1 секунда повеќе од седанот. Максималната брзина е ограничена на 250 километри на час.

Преносот е кон задните тркала, а силата се пренесува преку 7-степен AMG Speedshift MCT менувач со лопатки за менување поставени на воланот. Менувачот е подобрена верзија од она што досега се нудеше и нуди пократки времиња потребни за менување брзини. Според најавите, просечната потрошувачка изнесува 8.2 литри на 100 километри а емисијата на штетни гасови изнесува 192 грама на изминат километар. Доколку го споредиме со минатиот модел, новиот C 63 е 32 проценти поштедлив, и покрај подобрените перформанси.

Како и секогаш, AMG верзијата ќе ја препознаете по изменетите браници со поголеми отвори за воздух, изменет заден дифузер, 14 милиметри пошироките крила со V8 Biturbo ознаки и уште некои ситни детали. Новиот Mercedes-AMG C63 S ќе биде првиот кој ќе пристигне во салоните, веќе од Февруари следната година, а „обичниот“ C63 и C63 S караван ќе пристигнат во Април. Како што и се очекуваше, Mercedes-Benz ќе понуди ексклузивна Edition 1 едиција на самото лансирање.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.