full screen background image
Search

ТЕСТ: Toyota Aygo 1.0 VVT-i X-cite – Динамично урбано освежување!

Малото Toyota Aygo влезе во својата втора генерација – која ветува динамичен дизајн ориентиран кон младите, но и забава зад воланот. Прочитајте како поминавме ние со најмалиот член на фамилијата на Toyota!

Малите градски возила имаат тешка задача – треба да понудат практичен и економичен транспорт во урбаните средини, но истовремено да понудат и доволно комфор, привлечен дизајн и доволно модерна технологија за да ги привлечат модерните купувачи со истенчен вкус. Прашањето кое се поставува тука е каде се вклопува во оваа неблагодарна комбинација новиот Aygo на Toyota?

Веќе знаеме дека Aygo е дел од триото кое ги содржи и 108 на Peugeot и C1 на Citroen – но автомобилите се далеку од копии од идентичен калап – сите три нудат различен карактер, а ние имавме можност прв да го пробаме токму новиот Aygo – автомобилот кој ветува забава зад воланот, но и модерен дизајн.

toyota-aygo-urban

Во ред – можеме веднаш да бидеме искрени – дизајнот на Aygo нема да се допадне секому. Навистина беше интересно да ги побараме мислењата од случајните минувачи и нашите пријатели, и се изненадивме кога добивме и позитивни, но и негативни коментари. На многумина не им се допадна новиот X-Design кој го има своето деби токму кај Aygo, но на многумина пак им се допадна храбриот дизајн и екстровертната боја на нашиот тестен автомобил – доаѓаат како порачани за да го издвојат малиот Aygo од конкуренцијата! Дополнително, малиот милион можности за персонализација на Aygo ќе ви дозволат да си нарачате автомобил кој совршено ќе одговара на вашиот карактер. Затоа, ќе го наречеме дизајнот поларизирачки и ќе оставиме самите да одлучите дали дизајнот ви се допаѓа. Она што ние можеме да го кажеме е дека Aygo навистина се издвојува над конкуренцијата и е вистинско освежување во морето од бели и сиви автомобили кои стануваат секојдневие на нашите улици.

Поврзано:   Новиот Yaris ќе добие и сосем нова платформа

Оригиналното Aygo беше вистински хит за Toyota. Комбинацијата од компактни димензии, ниски трошоци за експлоатација и одржување, како и привлечниот дизајн беа доволни да се привлечат купувачите. Изгледа дека инженерите од Toyota решиле да не си играат со добитната формула, туку да ги надградат силните страни.

toyota-aygo-interior-front

Со самото отворање на вратите станува јасно дека е посветено повеќе внимание на ентериерот, материјалите кои се искористени, како и понудата на опрема. Нашиот тестен модел беше во второто, X-cite ниво на опрема и добивме добро профилирани седишта, менувач и управувач обложени со кожа, мултимедијален уред со екран чувствителен на допир, Bluetooth поддршка, USB (кое за жал не дозволува прелистување на индивидуалните директориуми на екстерната меморија,туку пребарување само преку артист, албум, итн), и уште многу друга опрема.

toyota-aygo-interior-front2

Возачкото седиште се регулира по висина, па лесно се наоѓа и комфорна возачка позиција. Управувачот се регулира само по висина, не и по длабочина, но сепак е во рамките на очекуваното во класата. Прегледноста е задоволителна, освен кон задниот дел кој трпи заради дизајнот – но сликата ја поправа паркинг камерата која го олеснува маневрирањето – дури и кај олку мал автомобил. Некои од пластиките во ентериерот би можеле да бидат поквалитетни и помеки на допир – сепак веќе почнуваме да се навикнуваме на квалитетни материјали во ентериерот и на малите градски возила.

На предните седишта е комфорно и прегледно, но на задната клупа има простор само за двајца патници. Не очекувајте ни премногу простор за нозете и главата, но сепак е во рамките на она што се очекува во оваа класа на возила. Очигледно е дека задните седишта се наменети за деца, или пак за пократки релации. Задните прозорци се во таканаречената пепертука-изведба. Багажниот простор е зголемен за 29 на 168 литри – не е премногу, но сосем доволно за намената.

Поврзано:   ТЕСТ: Toyota Camry 2.5 Hybrid Luxury - Најдоброто од Toyota?

toyota-aygo-interior-rear

Најсилната страна на Aygo е маневрирањето во градскиот метеж. Токму таму Aygo се покажува како урбан херој – лесно и динамично се движи и протнува низ сите достапни места, а не можеме да кажеме дека Aygo не ги привлекуваше погледите на минувачите. „Гласната“ боја и интересната комбинација со црни детали се забележливи од далеку – нарачајте го вашето Aygo во вистинската комбинација и никогаш нема да имате проблеми да го најдете на голем паркинг.

toyota-aygo-out-front

Кога решивме да го извадиме Aygo од неговиот урбан елемент, можевме да се увериме дека сосем добро се снаоѓа и на автопат, но и на кривулести, планински патишта. 1-литарскиот три-цилиндерски бензинец испорачува 69 коњски сили на 6000 вртежи во минута и 95 Nm вртежен момент при 4300 вртежи во минута. Не делува како многу, но сепак е доволно за да се придвижи возилото кое празно тежи околу 900 килограми и да се постигнат 100 километри на час за 14.3 секунди и максимални 160 километри на час – кои се уверивме дека се достапни. Значително е поработено и во однос на звучната изолација – новиот Aygo е значително потивок на отворен пат од својот претходник. Toyota ветува потрошувачка од 4.5 литри на 100 километри во градски услови – а ние измеривме потрошувачка која изнесуваше нешто помалку од 5.5 литри во град.

Управувањето е директно, но без многу повратни информации. Менувачот нуди 5 степени на пренос, и имаме мала забелешка на навистина долгите прв и втор степен. Јасно ни е дека ова е со цел да се подобри економичноста и да се намали потрошувачката, но би сакале малку пократки степени на преност – со тоа значително би се „живнал“ карактерот на малиот Јапонец. Сепак, воопшто не бевме разочарани од перформансите – напротив, останавме импресионирани бидејќи не очекувавме дека може да понуди таков вид на возење.

Поврзано:   Toyota Land Cruiser Namib е ретро-фантастичен - и резервиран само за Африка.

toyota-aygo-side

Кога станува збор за безбедноста – и тука Aygo ги задоволува побарувањата. Сите верзии добиваат мноштво воздушни перничиња, ABS, ESP, систем за електронска дистрибуција на силата на кочење, Isofix за детски седишта, итн. Како што веќе напоменавме, нашиот тестен модел беше сосема задоволително опремен, а вреди да ги напоменеме и 15-инчните алуминиумски фелни, делливата задна клупа, клима уредот, мерачот на вртежи, предните светла за магла, дневните LED светла и уште многу други ситници – сè на сè, во ниту еден момент не приметивме дека нешто недостасува.

На крајот – можеме да сумираме дека новото Aygo е несекојдневен, мал урбан автомобил наменет за оние на кои не им смета да бидат забележани, и за оние кои сакаат малку да се издвојат од другите. Храбрите бои, контраверзниот дизајн и многуте можности за персонализација го прават Aygо да биде привлечна опција токму за овие купувачи. Има некои ситни недостатоци, како и секој автомобил, но сепак мораме да признаеме дека ова е сериозен и значителен чекор напред во однос на претходникот!

  • 1-литарски бензински мотор
  • Моќност: 69 коњски сили / 6000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 95 Nm / 4300 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 160 км/час
  • Забрзување 0-100: 14.3 секунди
  • Должина: 3455 mm
  • Ширина: 1615 mm
  • Висина: 1460 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2340 mm
  • Багажен простор: 168 литри
  • Потрошувачка: 5.5 литри на 100 километри (измерена, градска) 4.5 литри на 100 км (официјална, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Toyota Aygo 1.0 VVT-i X-Cite – 11.290 евра
    Забелешка: Во моментот на објавувањето на овој тест, Toyota со секое купено Aygo нуди бесплатна регистрација и каско осигурување за секое возило, бесплатна европска патна помош, како и гориво за три месеци.
    Повеќе информации: Toyota.com.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.