Mercedes-Benz ја претстави освежената B-Class; премиерата закажана за Париз! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Mercedes-Benz ја претстави освежената B-Class; премиерата закажана за Париз!

Mercedes-Benz ги објави деталите околу освежената B-Class, како и нови фотографии од затегнатиот модел, а освежена е и електричната верзија.

На прв поглед, измените се дискретни, но ќе забележите изменет преден браник со поголеми отвори за воздух, малку изменета предна решетка за воздух и дневни светла вградени во самите фарови. Ќе се нудиат и LED предни светла кои нудат подобро осветлување, но поради некоја причина не можат да се нарачаат со Electric Drive верзијата. На задниот дел се забележуваат двобојните задни светла опремени со LED технологија, како и малку изменет заден браник со трапезоидни завршетоци на издувниот систем.

Во внатрешноста веднаш се забележува „лебдечкиот“ 8-инчен дисплеј, а купувачите ќе можат да изберат меѓу 12 бои за амбиенталното осветлување. Тука се и безбедносните системи кои Mercedes-Benz ги нуди, а кои ние веќе добро ги познаваме – Collision Prevention Assist Plus, Attention Assist и останатите.

Во понудата на мотори се наоѓаат само четири-цилиндерски единици – понудата започнува со B180 кој носи 1.6-литарски турбо-бензинец кој нуди 122 коњски сили и 200 Nm вртежен момент. Скалило погоре е B200 кој го носи истиот мотор, но со 156 коњски сили и 250 Nm. B220 4MATIC нуди поголем, 2-литарски бензинец кој испорачува 184 коњски сили и 300 Nm кон двете оски, а на врвот на бензинската понуда е B250 со 211 коњски сили и 350 Nm вртежен  момент.

Боите на дизелите ги бранат B160 CDI кој носи 1.5-литарски турбодизел кој влече потекло од Renault и нуди 90 коњски сили и 250Nm вртежен момент. Надн его е  B180 CDI со 109 коњски сили и 260 Nm. Доколку се одлучите за B200 CDI ќе добиете 2.1-литарски турбодизел со 136 коњски сили и одлични 300 Nm вртежен момент, додека врв на дизелската понуда е B220 CDI со истиот 2.1-литарски турбодизел, но тој испорачува 177 коњски сили и 350 Nm – всушност, тоа е сличен мотор на оној кој го познаваме од C220 CDI Bluetec кој неодамна го возевме.

Секако, во понудата останува B-Class Electric Drive кој е придвижуван од електромотор кој произведува 180 коњски сили и вртежен момент од веднаш-достапни 340 Nm. Благодарение на овој мотор 100 километри на час пристигнуваат за сосема добри 7.9 секунди, а максималната брзина е 160 километри на час. Со 28 kWh литиум-јонската батерија, електричната B-Class ќе помине до 137 километри пред да треба повторно да се полни. Целосно полнење трае триипол часа.

Автомобилот е веќе достапен за нарачки, а ќе пристигне кај дилерите на крајот на Ноември.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.