full screen background image
Search

FB-Tuning FB-One – Дали е ова најгрдиот автомобил на денешницата?

За вкусовите не се зборува, но ова веќе излегува надвор од секоја граница. Ајде да си играме „препознај го делот“ со овој чуден монструм на италијанските „дизајнери“ од FB-Tuning!

Приказната за FB-One на FB-Tuning е следната – сопственикот на ова тјунинг „студио“ (го користиме терминот „студио“ многу лабаво) – Fabio Barletta – решил дека сака да направи сопствен автомобил. Идејата е одлична – секогаш сакаме да гледаме нови автомобили. За жал, егзекуцијата на таа идеја не поминала толку добро. Значи, да видиме – она што можеме да го препознаеме е следното – платформата е земена од Chrysler Crossfire, односно од првата генерација SLK на Mercedes-Benz. Платформа која е толку стара, што најверојатно диносаурусите ја користеле како скејт-борд. Додадете на тоа предни светла и маска од Audi A8 и задни светла од ABT-изведбата на Audi Q7 и го добивате она што е денес пред нас – FB-Tuning FB-One.

Претставен на овогодинешниот Top Marques Monaco, овој несекојдневен (и се радуваме дека е така) автомобил ги привлекуваше погледите на минувачите, и тоа заради сите погрешни причини. Почнувајќи од непривлечниот дизајн, па до бојата во која има ситни парченца злато. Единствен позитивен детал кај овој автомобил е 3.2-литарскиот, компресорски V6 мотор кој е позајмен од Mercedes-Benz SLK 32 AMG и сега испорачува 400 коњски сили.

Нашето мислење е очигледно. Да се надеваме дека нема да има FB-Two.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.